Сопствениците на Fitbit Ionic, Versa и Versa 2 наскоро повеќе нема да можат да префрлаат музика од својот компјутер на нивниот Fitbit уред. Причината за ова е укинувањето на апликацијата Fitbit Connect
Можноста за префрлање на музика од компјутер на Fitbit уред беше можна преку апликацијата Fitbit Connect за Mac и Windows. Бидејќи сега на веб-страницата за поддршка на Fitbit е објавено дека се укинува апликацијата, единствената опција за рачно префрлање на музика ќе исчезне. Ова им остава на корисниците само два избора – користење на Pandora или платена претплата на Deezer.
Оваа промена не влијае на поновите модели на Fitbit, кои и онака не доаѓаат со опција за пренос на фајлови помеѓу компјутер и Fitbit уред. Уредите како Versa 3 и Sense веќе дозволуваат да се презема музика само преку Deezer или Pandora.
Корисниците на постарите Fitbit уреди кои имаат можност за рачно префрлање музика сè уште ќе имаат пристап до преземената музика на нивните Fitbit уреди, но нема да можат да преземаат дополнителни песни без Pandora или Deezer.
Fitbit во објавата вели дека „можеби ќе ги исполнувате условите за 90-дневен пробен период“ на која било услуга, што ќе ве чини 9,99 долари месечно за Deezer Premium или 4,99 долари месечно за Pandora Plus по завршувањето на пробниот период, пренесува The Verge.


