Првата ветерна турбина со целосно рециклабилни лопатки, е веќе инсталирана и пуштена во работа во Северното море недалеку од брегот на Германија. Станува збор за ветерната фарма Kaskasi.
Со брзиот раст на оваа индустрија, се поизразена стана потребата од рециклирање на вградените материјали, со оглед дека користи многу повеќе материјални ресурси во споредба со конвенционалните електрани. Кај ветерните турбини се користат сложени композитни материјали кои можат да бидат отпорни на острите временски услови, но од друга страна ова прави потешкотии во рециклирањето.
Компанијата Siemens Gamesa минатата година започна да работи на рециклабилна лопатка. Оваа иновативна лопатка, по завршувањето на експлоатацискиот век, се раздвојува на составните материјали – фиберглас и дрво. Тие влегуваат како суровина во циркуларната економија, со што се придонесува за намалување на отпадот и ефикасно користење на ресурсите.
Технологијата е развиена во фабриката во Алборг, Данска, додека лопатките се произведени во Велика Британија. Ветерниот парк Kaskasi, каде овие лопатки се инсталирани, е офшор електрана во Северното море со вкупно 38 турбини SG 8.0-167 DD. Вкупната инсталирана моќност на ветерниот парк е 342 MW.