Под мотото „Лупење идеи“, годинава од 18 до 25 август ќе се одржи 13-то по ред издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Фокусот на годинешното издание е ставен на развојот на идеите.
Фестивалот ќе се одржи на четири локации во Скопје, и тоа во Куршумли ан, пред платото на Музејот на Македонија, Младинскиот културен центар и во „Europe house“.
„МакеДокс“ ќе биде отворен со документарниот филм „Се што дише“ на режисерот Шаун Аксин, филм којшто е индиско-британска продукција, а пред него ќе биде прикажан краткометражниот филм „Иднината е водена палата“ на режисерката Хуанита Анзага.
Како што информираше на денешната прес-конференција извршниот директор на фестивалот, Дарко Набаков, годинава ќе има 70 гости од странство на фестивалот, кои доаѓаат од целата Европа, а сите филмови ќе бидат прикажани во живо освен еден мал дел од копродукцискиот форум кој ќе се случува хибридно, односно и онлајн и во живо во МКЦ.
– По две години бурни за целиот свет, некако сфативме дека е време да земеме храброст и да почнеме да ги реализираме своите идеи сите ние заедно, но овој пат со една нова перспектива, перспектива која што ќе ни овозможи да го излупиме старите наши слоеви и да си дадеме простор на белите слоеви да твориме во новите нови и нови почетоци, новите идеи, додаде Набаков.
Петрула Вељановска, која е дел од програмскиот тим на „МакеДокс“, рече дека оваа година на адресата на Фестивалот пристигнале филмови од пет континенти.
– Со месеци гледавме филмови и секако ја „лупавме“ програмата со месеци, за да дојдеме на ова овогодишно издание до една најавтентична форма, која што може да ја изрази креативната сила на „МакеДокс“ како фестивал за креативен документарен филм, рече Вељановска на денешната прес-конференција.
Таа напомена дека и оваа година филмовите ќе бидат поделени во четири натпреварувачки програми и ќе се борат за пет награди.
– Секако ќе почнеме од главната програма т.е. „Наградата за кромид“. Тука ќе имаме премиера на филмот „Вознемирена земја“ на нашата македонска режисерка Кумјана Новакова и шпанскиот режисер Гилијермо Калиера Сканди. Во оваа програма ќе имаме девет филма. Во програмата за млади автори за наградата „Млад кромид“ оваа година имаме 11 филма, а во кратката програма оваа година имаме 17 филмови, додаде Вељановска.
Во студентската програма, како што рече, за оваа година издвоени се осум филма кои се борат за наградата „Кугарче“.
Покрај овие натпреварувачки програми, исто така ќе има и програми кои не се натпреварувачки, но кои се исто така значајни за фестивалот.
– Тоа е секако „Земја во фокус“ програмата која што оваа година е посветена на Чешката Република и која ќе биде отворена на втората вечер од Фестивалот, на 19 август, со филмот на една позната чешка документаристика и наша почесна гостинка оваа година на фестивалот, а тоа е режисерката Хелена Чешникова. „Земја во фокус“ програмата ќе ја отвориме со нејзиниот филм, односно вториот дел од нејзиниот филм „За Рене“ којшто се вика „Затвореник на слободата“, рече Вељановска.
Друга програма, која не е натпреварувачка, но е подеднакво важна за „МакеДокс“ е младинската и детската програма.
– Оваа година ние сметаме дека децата се радост на земјата па така се и радост на нашиот фестивал и ние секогаш се обидуваме квалитетни филмови да одбереме за нив. Оваа година направивме комбинација од кратки документарни филмови, со кратки анимирани и доку-анимирани филмови така што во младинската програма ќе прикажеме два долгометражни филмови, а исто така во детската програма ќе прикажеме и голем број на анимирани и доку-анимирани филмови кои доаѓаат од Чешка, рече Вељановска.
Сара Ферро, координатор на „МакеКоПроДокс“ форумот на прес-конференцијата информираше дека на 20 август ќе се одржи мастер клас, во просториите на „Europe housе“, на тема „Разговор за идеите во документарниот филм“, а разговорот ќе го води Туестен Милер, еден од најважните консултанти за документаристика и филмски критичар од Данска.
Воедно, истиот ден започнува неговата работилница за развој на идеи за која што се одбрани шест документарни долгометражни проекти од Балканот. Работилницата со Туестен Мимлер ќе се одржува од 20 до 22 август во „Europe housе“, а на 22 август започнува 4. издание на „Македопродук“ форумот кој ќе се одржи во кино „Фросина“ во МКЦ.
– Особено ми е мило што после две целосно онлајн изданија на форумот, оваа година ќе ги имаме најголем број од филмските професионалци и филмаџии со проекти присутни тука во Скопје за време на четврто издание на форумот. Оваа година за дел од Балканска филмска мрежа којшто го предводи Хелен Хенсен од Данска ќе ни бидат присутни претставници од Словенечкиот филмски центар, од Хрватскиот аудиовизуелен центар, од Косовскиот центар за кинематографија, од Албанскиот центар за кинематографија и од Бугарскиот национален филмски центар додека Српскиот, Црногорскиот и Грчкиот центар ќе ни се приклучат онлајн и затоа имаме хибридно издание годинава, рече Сара Ферро.
На 22 август, како што информираше, на првиот ден од форумот, претставниците на филмските центри од Балканот ќе ги престават своите шеми на финансирање и потоа ќе има презентација на Медија деск, што ќе ја одржи Ивана Мирчевска. Овој ден ќе биде заокружен со презентација на шесте проекти кои се дел од работилницата за развој со Тоестен Милер.
– За вториот дел од форумот, односно претставувањето на проектите, на 23 август, ќе се одржат 11 проекти во различни фази на продукција од Балканот. Имаме проекти со најразновидна селекција од Грција, Косово, Србија, Албанија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Македонија и Турција. Тие ќе ги претстават своите проекти и ќе имаат еден на еден состаноци со одлучувачите и филмските професионалци, кои ќе бидат присутни и тука, а дел од нив ќе ни се приклучат онлајн на платното во „Фросина“, додаде Сара Ферро.
Форумот годинава е реализиран во соработка со Агенцијата за филм, со Медија декс од земјава, со Грчкиот филмски центар, Град Скопје, Вардар филм и МКЦ.
Извршниот директор на фестивалот Набаков додаде дека меѓу значајните сегменти на фестивалот остануваат разговорите „Под смоква“, кои ќе се одржат оваа година од 19 до 25 август во 18 часот во Куршумли ан. На 21 август ќе биде отворена и фото изложбата на Доријан Миловановиќ.
– Останува да најавам дека „МакеДокс“ нема да заврши на 25 август, туку ќе ги продолжи своите активности. Во септември правиме обука, создаваме нови прирачници за користење на документарниот филм во училиштата, така што веќе од октомври наставниците во средните училишта ќе може да добијат нови филмови, нови податоци, нови содржини за употреба на документарниот филм, додаде Набаков.
За оваа година, тој најави дека ќе има и зимско издание, а деталите ќе бидат објавени на следната прес-конференција.
Ова издание на фестивалот е поддржано од Агенцијата за филм на РСМ, Програмата медија на креативна Европа, Националната агенција за демократија од Вашингтон, Чешката амбасада во Скопје, Чешкиот културен центар во Скопје, Сивус Скопје, Групацијата Рикома, Грчкиот културен центар и останатите стандардни пријатели на МАКЕДОКС.
Билетите од денеска се пуштени во продажба и може да се набават преку веб-страната на „mk.tikets“, а цените остануваат исти како и минатата година.