IThink Академијата на СЕДЦ е заслужна за креирање на нова веб-страна на здружението САНО, создадено со цел да овозможи подобро здравје, образование и социјална грижа за децата со малигни болести. Веб-страната можете да ја прегледате во прилог – https://sano.com.mk/
За креирањето на комплетно нова и функционална веб-страната се погрижија дечињата од напредната група на iThink Академијата на СЕДЦ, кои во секој момент од процесот го имаа на ум огромното значење на проектот за здружението САНО, и со ново-стекнатите ИТ вештини во поглед на веб-дизајн, го реализираа со голема љубов кон нивните нови пријатели.
„Децата од групите на Advanced iThink Academy секоја година имаат задача да ги искористат вештините и знаењето со кое се стекнале за време на академијата и да креираат завршни проекти во форма на веб страници за здруженија и организации кои се социјално одговорни или имаат таков тип на проекти под своја закрила. Ова дефинитивно покрај тоа што им помага на децата практично да го применат знаењето, им помага и да научат од рана возраст дека треба да се вклучуваат во општествено одговорни проекти, зошто се важни и што тие значат. Овогодинешниот проект беше изработка на веб страница со помош на WordPress за организацијата САНО и во суштина е проект направен од деца за деца. Изработката на веб страницата траеше 3 месеци почнувајќи од концептот па се до финалната веб страница, со што децата се гордеат дека имаат проект кој моментално е активен и секој може да го погледне нивниот вложен труд.“, вели Симона Костовска, ментор на iThink Академијата на СЕДЦ.
Долго време баравме компанија која ќе ни помогне околу создавањето на нашата прва Web страница. Иницијативата на IThink Академијата на СЕДЦ, креацијата на страницата да биде дел од нивната образовна и едукативна програма за деца, беше полн погодок. Децата за хуманост и емпатија учат од малечки. Убедени сме дека покрај тоа што сега тие успешно ја совладаа лекцијата за Web дизајн, и создавање на Интернет страница, научија нешто и за САНО, организација која им помага на децата со канцер и на нивните родители, рече Марија Тасев, претседател на организацијата. Ако овие деца се показател за нашата иднина, тогаш сме сигурни во подобро утре!