За разлика од Ковид-19, мајмунските сипаници обично не се шират лесно меѓу луѓето, а за да се случи тоа потребен е близок контакт преку кој вирусот ќе влезе во телото преку исеченица на кожата (дури и кога таа не е видлива), респираторниот тракт или мукозни мембрани (очите, носот или устата), како и преку телесни течности или продолжен контакт со предмети контаминирани од истите (облека, постелнина, пешкири, итн.), вели за МИА специјалната претставничка на регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа во Македонија, д-р Ане Јохансен.
Симптомите се најчесто лесни и се во форма на лезии кои можат многу да чешаат или да болат. Се јавува осип со меури на лицето, рацете, стапалата, очите, устата и/или гениталиите (во актуелнава епидемија најмногу се пријавени случаи на генитален и перианален осип), треска, отечени лимфни јазли, главоболки, болки во мускулите и ниско ниво на енергија. Сепак, вели Јохансен, мајмунските сипаници може да бидат тешко заболување, особено за децата, бремените жени и имунокомпромитираните лица.
Американскиот центар за превенција и контрола на болести наведува дека мајмунските сипаници можат да се пренесат на секого кој има близок контакт преку кожа или интимен контакт – орален, анален или вагинален секс или допирање на гениталиите на лице заболено со мајмунски сипаници. Понатаму преку прегрнување, масажа и бакнување, допирање на предмети како облека, пешкири, постелнина на лице заболено од овие сипаници, кои не се дезинфицирани.
Бремените жени можат да го пренесат вирусот на фетусот преку плацентата
Лице заболено со мајмунски сипаници може да го шири вирусот од моментот додека не се појават симптомите, па се додека осипот не се изгуби. Болеста трае од две до четири недели.
Научниците се уште немаат одговор дали вирусот се шири додека не се појават првите симптоми, како и тоа колку често мајмунските сипаници се шират преку респираторни секрети.
Во земјава вчера до Институтот за јавно здравје беше доставен примерок за тестирање на сомнителен случај на мајмунски сипаници. Се работи за пациент од Кичево кој пред неколку дена добил осип на телото, што е еден од симптомите на мајмунски сипаници.
Комисијата за заразни болести препорача изолација во домашни или болнички услови за сомнителните случаи до нивно тестирање, изолација на потврдените случаи во домашни или болнички услови до завршување на болеста или зацелување на крастите и секојдевно епидемиолошко следење на контактите на потврдените случаи за време на трење на инкубацискиот период од 21 ден.
Навремената детекција и изолација клучни за справување со болеста
Претставничката на СЗО во земјава вели дека главните мерки за ставање под контрола на епидемијата на мајмунските сипаници се раната детекција и пронаоѓањето на контактите и нивната изолација. Исто така, според Јохансен, комуникацијата во форма на информирање за ризиците и ангажирањето на заедницата се интервенции од суштинско значење. Државите треба да соработуваат едни со други и со СЗО, обезбедувајќи ја потребната помош преку билатералните, регионални или мултилатерални канали, како и да ги следат упатствата што ги дава СЗО, вели Јохансен.
Таа во изјавата за МИА појаснува дека Ковид и мајмунските сипаници се два мошне различни вируси и заболувања. Додека пандемијата на Ковид-19 одзеде над два милиони животи во Европа, првичните пријавени случаи на мајмунски сипаници се главно лесни од аспект на клиничката слика.
„Најголем дел од случаите што во моментов се испитуваат во Европа се лесни. Знаеме дека иако мајмунските сипаници поминуваат сами од себе во повеќето случаи, тие поседуваат потенцијал за предизвикување тешки компликации. Околу осум проценти од досега пријавените случаи завршиле во болница со цел изолација или лекување на заразените“, вели Јохансен.
Најчестите причини заради кои заразените се хоспитализираат се добивање помош за справување со болката, секундарни инфекции, а во мал број случаи и заради лекување на животозагрозувачки компликации како на пример воспаление на мозокот.