Глобалното затоплување предизвикано од климатските промени влијаеше на Арктикот многу позначајно отколку што се мислеше, велат финските научници.
Според новото истражување на научниците од Финскиот метеоролошки институт во Хелсинки, арктичкиот регион се загреал речиси четирипати побрзо од глобалниот просек во последните 43 години.
Некои области на Северниот Леден Океан се загреале седумпати побрзо од планетата како целина. Климатските модели досега го прецениле ефектот на таканареченото поларно засилување, според научникот Мика Рантанен.
Минатите студии покажаа дека Арктикот се загрева двојно побрзо од другите области, додека работната група на Арктичкиот совет, со седиште во Тромсо, Норвешка, објави во март 2021 година дека зголемувањето на просечната температура на Арктикот помеѓу 1971 и 2019 година изнесува 3,1 степени Целзиусови. што е околу трипати повисоко од глобалниот просек.
Финските научници ги припишуваат повисоките бројки на силното и постојано затоплување на Арктикот, но и на дефиницијата за Арктикот – целата област која се наоѓа во рамките на Арктичкиот круг, како и на фактот дека тие собирале податоци од 1979 година – годината кога станаа достапни подетални сателитски снимки.
Според научниците, степенот на поларното засилување е последица на климатските промени предизвикани од човековата активност, како и природните долгорочни климатски флуктуации. Двата фактори силно зајакнаа во текот на 43 години, велат тие.