Овој „синтетички ембрион“ може да даде нов увид во различните фази на развојот на живите суштества.
Молекуларниот генетичар Јозеф Хана и неговиот тим од израелскиот Институт за наука Weizmann успеале да создадат синтетички ембрион на глушец. Поточно, создале ембрион без оплодена јајце клетка и без матка.
Во студијата објавена во списанието Cell појаснуваат дека овој нов модел на ембрион се однесува како и вистинскиот ембрион, односно ги поминува сите фази од развојот на едно живо суштество, како што е создавањето клетки од кои се создава срцето, крвта, мозокот и другите органи, како и многу други клетки кои може да се најдат во постелката и другите ткива кои се неопходни за одржување на бременоста.
„Нашиот следен предизвик е да разбереме како матичните клетки знаат што треба да направат – како се спојуваат во органи и како пронаоѓаат точно одредено место во ембрионот. А поради нашиот систем, кој за разлика од матката е проѕирен, тоа би ни било корисно во откривањето зошто настануваат дефекти во човечките ембриони”, истакна Хана.
„Ова е круцијална фаза. Кај луѓето многу бремености се прекинуваат токму во тој момент, а не знаеме зошто. Создавањето на ваквите модели ни овозможува подобро да разбереме што се може да тргне на лошо и може да добиеме увид во тоа што можеме да направиме по тоа прашање”, објави Меган Мунси од Мелбурн, која не беше вклучена во студијата.
Научниците моментно се соочуваат со проблемот да го одржат синтетичкиот ембрион доволно долго во живот за да биде значаен за истражување. Имено, моделот на ембрион кој го развија во лабораторија живеше само осум дена.
Покрај тоа што ваквиот начин на истражување би го намалил користењето на животни во лаборатории, во иднина може да биде значаен извор на клетки, ткива и органи за пресадување.
Но, како што истакнува Хана, тие нема да бидат достапни уште со децении.