Vivo X80 Pro 5G е сериозен флегшип, со огромен AMOLED екран, најмоќен Snapdragon чипсет, 12GB RAM и 256GB простор за складирање, брутален систем на камери дизајниран во интензивната соработка со компанијата ZEISS, брзо полнење, премиум дизајн и уште многу други детали.
Текст и фото: НИКОЛА БУРАГЕВ
Во годината кога производителите на смартфони се натпреваруваат кој ќе има поголема камера на задниот дел од телефонот, сметаме дека засега имаме победник, а тоа е vivo X80 Pro 5G. Имавме можност да го тестираме уредот кој пред извесно време во Берлин ја имаше својата официјална европска премиера, а ова е првиот вистински флегшип кој компанијата vivo го претстави на Стариот континент.
Во изминатите години, компанијата vivo преку својата X серија формираше репутација на реномиран производител на паметни телефони со врвни перформанси на камерите, а минатогодишниот X70 Pro+ беше окарактеризиран како еден од смартфоните со најдобри камери. Би било излишно X80 Pro 5G да го споредиме со X70 Pro+, чиј директен наследник е, бидејќи тој телефон не се продаваше во Европа, но vivo X80 Pro има толку многу новитети што навистина не е неопходно да се споредува со било кој модел пред него.
Накратко, станува збор за сериозен флегшип смартфон, со сите штиклирани полиња потребни да се влезе на кратката листа модели кои можат да се наречат премиум класа. Тоа значи најдобар, голем AMOLED екран, најмоќен Snapdragon чипсет, 12GB RAM и 256GB простор за складирање, брутален систем на камери дизајниран во интензивната соработка со компанијата ZEISS, брзо полнење, премиум дизајн и уште многу други детали.
Дизајн и изработка
Кога рековме дека производителите се натпреваруваат кој ќе има поголеми камери, vivo ја заврши својата домашна задача со X80 Pro 5G. Сериозно поголем од куќиштето на Xiaomi Mi 11 Ultra, X80 Pro има дизајн кој е впечатлив и малку е веројатно дека ќе го измешате со некој друг телефон. Уредoт го краси дизајн со комбинација на стакло и метал, како и големи димензии кои го вклучуваат пространиот 6,78-инчен екран. Дисплејот околу рабовите има нежни закривувања, вкупната дебелина на телефонот изнесува 9,1 милиметар, а тежината е 219 грама.
Големиот камера модул има финиш на огледало, што во комбинација со големата површина овозможува да се користи за позирање на селфи фотографиите, кои можете да ги креирате и со главната камера. Покрај вака големиот и доминантен елемент, vivo не експериментираше многу во поглед на дизајнот, па остатокот од телефонот е невпечатлив, веројатно да не одвлекува внимание од камерите.
Покрај камерите, задната страна е од стакло кое поседува мат завршница, со фина текстура која дава одблесок под светло, таман дискретно да го наруши монотониот изглед. Камерите се необично поставени на задната страна, па така три сензори се наоѓаат во кружниот модел, додека четвртиот е издвоен под системот, а се работи за телефото сензор во перископ стил. При дното на уредот се логото на vivo и доста непотребни информации кои имаат сјајна текстура и кои можат да се почувствуваат под прстите. Од предната страна се наоѓа Schott Xensation Up заштита за дисплејот, а телефонот го краси IP58 сертификат за заштита од вода и прашина. Кога е во прашање бојата, на тест ја имавме Cosmic Black варијантата на уредот.
X80 Pro 5G пристигнува во богато пакување, кое вклучува многу брз полнач (FlashCharge adapter 20 V/4A), со поддршка за брзо полнење до 80W, слушалки и заштитна маска. Со уредот го добивме и безжичниот полнач од 50W на vivo, кој компанијата го дава како подарок доколку смартфонот се купи во промотивниот период на преднарачки. (до 20 август).
Врвен хардвер и одлични перформанси
Vivo X80 Pro 5G има спецификации со кои може да им парира на значително „извиканите“ ривали на пазарот, а тука спаѓа и премиум чипсетот – Qualcomm Snapdragon 8 Gen 1. Чипот е комбиниран со 12GB RAM (+ 4GB Extended RAM) и 256GB простор за складирање податоци. За жал, нема поддршка за проширување бидејќи слотот за microSD не е имплементиран.
Со цел да обезбеди неприкосновени перформанси, vivo го опреми телефонот со најновиот V1+ чип за обработка на слики, како и подобрени гејминг перформанси. Комбинацијата на овие чипови му овозможува на X80 Pro да понуди флуидни перформанси во секојдневната работа и во попребирливите ситуации со фотографирање, снимање видео или за време на поподолги гејминг сесии.
За да се прикажува се флуидно, задолжен е големиот AMOLED дисплеј од 6,78 инчи со QHD+ резолуција (1440 x 3200 пиксели). Екранот ја има најновата LTPO 3.0 технологија, која овозможува освежување до 120 Hz, осветленост на екранот од 1000 нита, а можно е и гледање на HDR содржина. Во комбинација со стерео звучниот систем, уживањето во мултимедијалната содржина е загарантирано.
Vivo наведува осветленост од 1000 нита и детекција на допир од 300 Hz, што делува точно. Во пракса тоа значи екран со висок одзив и одлична видливост и при слабо осветлување. Приказот на бои е многу добар по default вредностите, односно Standard профилот, со карактеристичниот нешто постуден AMOLED приказ, кој едноставно се исправува со поместување на слајдерот кон потоплите тонови.
Една од најсветлите точки на X80 Pro е 3D ултразвучниот сензор за отпечатоци сместен под екранот, кој нуди многу поголема површина за скенирање. Сензорот го отклучува смартфонот без потреба да бара специфични агли и позиции и дефинитивно е еден од најдобрите сензори за отпечатоци на пазарот на паметни телефони.
Одличното хардверско искуство, како и целокупните перформанси, ги заокружува способната батерија со капацитет од 4700 mAh. Дури и со вклучената “always-on display” опција, максимално освежување на дисплејот и резолуција, батеријата издржува повеќе од еден ден со едно полнење, а со умерена употреба нема да морате да се грижите за за полнач многу подолго. Споменатиот адаптер FlashCharge од 80 W може целосно да ја наполни батеријата за помалку од 45 минути. Како што рековме, телефонот има и поддршка за безжично полнење од 50 W.
Систем на камери
На задната страна на уредот се крие најголемата вредност на овој смартфон. ZEISS технологијата во соработка со vivo донесе четири навистина импреисвни камери, но во неочекуван распоред. Правоаголниот модул во себе има кружен дел во кој се сместени три камери и ласерски систем на фокусирање. Покрај него е двобојниот блиц со две LED ламбички, а долу во аголот е 5X перископ телефото сензорот. Во кругот најде место и ZEISS логото, кое не се гледа баш толку често на паметните телефони.
ZEISS колаборацијата на планот на хардверот значи кристално чисти Zeiss стакла, но и T oблога, таканаречен слој за леќите кој овозможува чисти фотографии без „дамки“ од сонцето, уличното осветлување, фаровите и сето она што им е познато и најмногу им пречи на iPhone корисниците кога прават ноќни фотографии. Покрај тоа, vivo користи засебен V1 чип за обработка на сликата, па ZEISS инженерите и тука ги вмешале прстите, а новиот сензор има малку поинаква ознака – V1+. Негова задача е да го унапреди квалитетот на приказот на екранот и да го подигне квалитетот на гејмингот на уште повисоко ниво. Исто така, го унапредува и отстранувањето на шумот од ноќните видеа, за да се добие добар квалитет во услови на слабо осветлување.
И во самото мени на апликацијата на камерата има голем ZEISS натпис, кој го активира ZEISS колорниот профил, за да ги снимите најточните бои на своите фотографии. Главна ѕвезда на системот е примарната камера, која користи специјална верзија на добро познатиот Samsung GN1 сензор со големина 1/1.3’’. Резолуцијата изнесува 50 MP, со крупни 1,2 µm пиксели и стабилизирана леќа со фокусна далечина еквивалент на 23 мм, додека блендата е со отвор f/1.6. Колаборацијата со компанијата ZEISS донесе вистинско мало освежување кога станува збор за дневните фотографии, бидејќи vivo одлучи да ја жртвува атрактивноста наспроти реалните и помирните бои. Кај vivo X80 Pro фотографиите се максимално реални и речиси и да не се разликуваат на екранот на телефонот и надвор од него.
Контрастот и динамичкиот распон се на многу високо ниво, како и деталите во кадарот. Фотографиите се остри и пријатни за око, а телефонот солидно се бори со предизвикувачките услови како што се сонцето во кадар или контрастните сцени. Се на се, меѓу најдобрите што сме ги виделе во последно време. Во слаби светлосни услови сликата не е многу поинаква, при што помага полу-автоматскиот ноќен режим, кој се активира кога нема доволно светло во кадарот и кој малку ја продолжува експозицијата при сликање. Притоа мислиме на секунда, две, некогаш и повеќе во многу темни услови, кога секако би морале да го активирате ноќниот режим, но во поголем дел од случаите и ноќните фотографии ќе бидат веднаш готови.
Широкоаголната камера има Sony IMX598 сензор од половина инч и резолуција од 48MP, со автофокусен систем. Аголот што го зафаќа е 114 степени, што е коректно, иако сме виделе и пошироки леќи. Квалитетот и количината на детали се послаби отколку кај главната камера, но тоа е секако очекувано. Колорниот профил е речиси идентичен како на главната камера, а динамиката на кадарот е на многу високо ниво за камера од овој тип. Детали има доволно, така што нема многу да се мислите да го проширите кадарот кога тоа го бара ситуацијата, а светлосните услови се доволно добри.
2x телефото камерата е посебно интересна од неколку причини. Нејзината главна цел е исклучителната стабилизација и таа ја користи легендарната гимбал оптичка стабилизација пред Sony IMX663 сензорот. Дневните фотографии се навистина убави, и како и широкоаголната камера, го следи 1:1 колорниот профил на главната камера. Ако го занемариме помалку агресивниот систем на отстранување на шумот, нивото на детали е навистина добро, како и динамичкиот опсег, а оптичката стабилизација помага да се елиминираат микро движењата, кои на телефото камерите знаат да го упропастат конечниот резултат. Од друга страна, 5X телефото камерата има 8MP OmniVision OV08A10 сензор, кој се наоѓа на крајот на перископ системот, со оптичка стабилиација, која тука е повеќе од потребна. И овие фотографии се подеднакво добри по прашањето на квалитетот, а стабилизацијата секако одлично ги компензира несаканите движења, па нема да се случи сликата да биде матна, бидејќи не сте можеле да останете мирни доволно долго за да направите добра фотографија.
Селфи камерата располага со 32MP резолуција и Samsung сензор, кој ја користи Tetrapixel технологијата на спојување, а кој се наоѓа зад 24 мм f/2.5 леќата со фиксен фокус и 0,8 µm пиксели. Квалитетот на селфи фотографиите е одличен, а камерата снима фотографии во full режим на резолуцијата на сензорот – 4896 x 6528 пиксели, благодарение на што се добива исклучителна количина на детали и вистинска штета е што оваа камера нема автофокусен систем. Тоновите на лицата се прецизни, динамиката одлична, а боите како на задните камери – нешто помирни и прецизни. Тука е и портретниот режим кој фино го издвојува субјектот од позадината, односно се што би сакале од една добра селфи камера на премиум смартфон.
Софтвер и кориснички интерфејс
Флегшип смартфонот на vivo за 2022 година пристигнува со новиот оперативен систем Android 12 и верзија на корисничкиот интерфејс FunTouch OS 12, што сериозно го прилагодува Android. На некои ова ќе им се допадне, а на некои не, но од искуство можеме да ви кажеме дека на убавите работи лесно е да се привикнете. На пример, кога кога се повикуваат активните апликации, има копче што ги прикажува како MIUI: во два реда, една до друга или класично, како вртелешка, со хоризонтално скролање.
Она што навистина не ни се допадна е тоа што кратенката за Settings менито се појавува само кога ќе го проширите менито за известувања, што е дополнителен чекор што ќе ве изнервира кога треба да направите нешто брзо.
Интересна е и опцијата Ambient light, која ги осветлува рабовите на екранот кога добивате известување, што е одлично кога телефонот на масата е свртен со лицето надолу. Исто така, имате опција да поставите кои да апликации ја активираат замената на сигналната ламбичка и слично.
Како и кај повеќето AMOLED екрани, присутна е и Always On опцијата, а vivo, како и сите други кинески производители, нуди бесконечен број на различни опции за прилагодување на приказот, како на заклучениот екран, така и на позадината, иконите и другите елементи. Бидејќи сензорот за отпечатоци е многу голем, vivo нуди опција за додавање две кратенки на заклучениот екран и кога ќе притиснете со прстот на нив, тој ќе го отклучи телефонот и директно ќе ја отвори таа апликација.
Финален впечаток
Ако не прашате дали vivo X80 Pro 5G има се што му е потребно на еден флегшип модел, одговорот е потврден. Тука е извонредниот систем на камери, што креира неверојатно добри фотографии и многу добро видео. Големиот заоблен екран ги има сите можни и невозможни технологии достапни денес, а доколку беше објавен неколку месеци подоцна, не се сомневаме дека хардверот ќе го сочинуваше освежениот Snapdragon 8+ gen 1. Ако на сето тоа го додадеме и флуидното работење на уредот, најбрзиот сензор за отпечатоци, специфичниот дизајн и соработка со компанијата ZEISS, како и солидната автономија на батеријата, разбирливо е зошто овој модел на vivo е меѓу најдобрите годинава во светот на Android.
Vivo X80 Pro 5G не е евтин смартфон, но не му недостасуваат адути поради кои треба да го земете во предвид, доколку сте подготвени да ја платите цената. Vivo X80 Pro 5G моментно е достапен за преднарачка (до 20 август), по препорачана малопродажна цена од 73.999 денари. Со купување на vivo X80 Pro 5G во промотивниот период, имате право на подарок безжичен полнач од 50W, како и дополнителна едногодишна гаранција на вашиот нов уред и шест месеци заштита на екранот од случајно кршење. Промоцијата важи за уреди купени од овластените партнери на vivo: Нептун, Сетек и Риверсофт.
ОЦЕНКА: 5/5 (*****)
Vivo X80 Pro 5G – ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ
Екран | LTPO3 AMOLED, 6,78 инчи (17,2 см), QHD+ 3.200 x 1.440 пиксели (густина 517 ppi), 120 Hz, формат 20:9 |
---|---|
Чип | Oсмојадрен Qualcomm SM8450 Snapdragon 8 Gen 1 (4 nm) до 3 GHz; Vivo V1+; Adreno 730 |
RAM / Простор за складирање | 12GB RAM / 256GB или 512GB простор за складирање |
Задни камери | Широкоаголна 50 MP (f/1.6) + Ултраширокоаголна 48 MP (f/2.2) + Телефото 12 MP (f/1.9) + Перикоп телфото 8MP (f/3.4) |
Предна камера | 32 MP, f/2.5 |
Конекции | microUSB (USB OTG), Wi-Fi 802.11 a/b/g/n/ac/6, 5G/LTE/3G/2G, Bluetooth 5.2, NFC, инфрацрвен порт, |
Батерија | 4.700 mAh, Li-Po, незаменлива, брзо полнење (80 W), брзо бежично полнење (50 W), реверзибилно полнење |
Влез за слушалки | Да (3,5 мм) |
Вид на USB конектор | USB-C |
Димензии и тежина | 164,6 x 75,3 x 9,1 мм / 215 гр |
Оперативен систем | Android 12, Funtouch OS 12 |
Оценка | 5/5 (*****) |