Android 13 не претставува голема надградба која донесува поголема промена на корисничкиот интерфејс или голем број нови функции.
Што се однесува до изгледот, најголемата промена се однесува на Material You дизајнот, чиј што механизам за креирање теми сега поддржува икони за апликации од трети страни. Ажурираниот медиа плеер автоматски го менува својот изглед врз основа на музиката или подкастот што го слушате.
Android 12 дебитираше минатата година во десеттиот месец, но новата верзија на Android пристигна веќе на самиот почеток на втората половина на август 2022 година. Во продолжение ви претставуваме преглед на главните иновации кои ги носи со себе Android 13.
Android 13 им овозможува на корисниците да го прилагодат јазикот на апликациите, во смисла дека ќе биде можно да се постави посебен јазик за повеќето апликации, независно од јазикот на системот и другите апликации.
Режимот на спиење станува се поприлагодлив со затемнување на позадината и темната тема.
Што се однесува до некои поставки за приватност и безбедност, апликациите веќе нема да добиваат пристап до сите ваши медиумски содржини за споделување само една фотографија. Понатаму, историјата на таблата со исечоци автоматски се брише „по одреден временски период“ ако копирате чувствителни податоци како вашата е-пошта, телефонски број итн. Самите апликации ќе мора експлицитно да бараат од корисниците да им дозволат да испраќаат известувања, наместо стандардно да ја имаат таа опција.
Просторното аудио сега е поддржано на Android, под услов да имате слушалки што ја поддржуваат функцијата за следење на главата. Поддржано е и Bluetooth LE Audio, но ќе ви требаат додатоци и за оваа функција.
Тука е и поддршката за HDR видео на апликациите за камера од трети страни, како и нов прекинувач за менување на аудио излезот. Дополнително, наскоро ќе можете да копирате содржини како URL-адреси, фотографии и текст од својот Android смартфон на таблет уред со Android и обратно.
Google објави дека ажурирањето треба да биде достапно почнувајќи од денес за поддржаните Pixel телефони (корисниците на Pixel 6 серијата веќе известувија дека го добиле ажурирањето), а наскоро и за смартфоните на компаниите Samsung, Vivo, Xiaomi, Asus, HMD Global, iQOO, Motorola, OnePlus, Oppo, Realme, Sharp, Sony, Tecno итн.
Добра вест е што корисниците на Samsung оваа година нема да мора многу да чекаат, па финалната верзија на One UI 5.0 креиран врз основа на Android 13, може да се очекува веќе во септември октомври, а истата веќе се тестира во бета верзија.