Кинеските медиуми објавија есеј во кој најбогатиот човек во светот, Елон Маск, изрази длабока желба да изгради град на Марс, пренесе Business Insider.
„Мојата најголема надеж е дека луѓето на Марс ќе изградат самоодржлив град“, напиша Маск.
Неговиот есеј е објавен во списанието China Cyberspace. Маск долго време се залага за колонизација на Марс, развивајќи го вселенското летало Starship во SpaceX, со цел праќање луѓе на Марс за да изградат самоодржлив град каков што тој сонува.
„Во големата вселена, човечката цивилизација е како слаба мала свеќа, како мала светлина во празнина. Кога сонцето еден ден ќе се прошири и Земјата повеќе нема да биде погодна за живот, може да одлетаме во нов дом со вселенски брод. Ако луѓето можат да населат други планети тоа значи дека сме исполниле еден од најголемите услови на големиот закон на вселената. Тогаш ќе станеме меѓупланетарни жители, а човечката цивилизација ќе продолжи да опстанува“, напиша Маск.
Неговата компанија SpaceX се надева дека тест летот на Starship ќе биде извршен во септември годинава, по долготраен процес на носење одлуки.