Водата можеби дошла на Земјата преку астероид од надворешниот раб на Сончевиот систем, велат научниците по анализата на ретките примероци собрани за време на шестгодишната јапонска вселенска мисија.
Во потрага по одговори на прашањата за потеклото на животот и создавањето на универзумот, научниците го обработуваат материјалот донесен на Земјата во 2020 година од астероидот Рјугу.
Јапонската вселенска сонда Хајабуса-2, која слета на вселенското тело и лансираше „импактор“ на неговата површина собрала 5,4 грама карпи и прашина.
Истражувањата за материјалот почнаа да се објавуваат, а во јуни група научници соопштија дека пронашле органски материјал, што сугерира дека некои амино киселини, претходниците на животот, можеби потекнуваат од вселената.
Во новото истражување, објавено во списанието Nature Astronomy, научниците велат дека примероците од Рјугу можат да објаснат како океаните се формирале на Земјата пред милијарди години.
„Астероидите од типот Ц, кои се полни со испарлив и органски материјал, може да бидат еден од главните извори на вода на Земјата“, според истражувањето на научниците од Јапонија и други земји објавено во понеделник.
„Појавата на испарливи материи (органски и вода) на Земјата се уште е предмет на дебата“, се тврди во истражувањето.
Но, органскиот материјал пронајден „во честичките од Рјугу, идентификувани во ова истражување, веројатно претставува важен извор на информации“.
Научниците претпоставуваат дека овој материјал најверојатно потекнува „однадвор од Сончевиот систем“, но дека „не е веројатно дека тој бил единствениот извор на испарливи материи што дошле на Земјата на нејзиниот почеток“.
Хајабуса-2 беше лансиран во 2014 година во мисија на Рјугу, оддалечена околу 300 милиони километри, а се врати во орбитата на Земјата пред 2 години за да испушти примерок од капсулата.
Во една студија во списанието Nature Astronomy, научниците повторно ги поздравија откритијата овозможени од мисијата.
„Рјугу честичките се несомнено еден од најчистите материјали од Сончевиот систем што ги имаме за лабораториските истражувања, а испитувањето на овие вредни примероци сигурно ќе го прошири нашето разбирање за процесот на развој на Сончевиот систем“, се вели во истражувањето.