Апликацијата Snapchat соопшти дека стигнала до бројка од еден милион претплатени корисници од лансирањето на Snapchat Plus, својата платена верзија, од крајот на јуни годинава, пишува „The Verge“.
Претплатата на Snapchat Plus им овозможува на корисниците ран и ексклузивен пристап до функциите, за 4 американски долари месечно. Во јули, компанијата ја претстави и десктоп верзијата на Snapchat, која исто така им е достапна само на претплатените корисници.
Меѓу ексклузивните содржини кои ги уживаат само оние што платиле за Plus верзијата, се специјалните позадини за емотиконите со ликовите на корисниците, како и можноста за промена на иконата на апликацијата. Претплатниците, исто така, ќе може да проверат кој ги изгледал нивните Story содржини повеќе од еднаш.
Новина за претплатниците е и ажурирањето со кое пораките на оние што платиле за Plus верзијата ќе бидат повидливи за јавните личности и креаторите на Snapchat, кога тие им се обраќаат.
Како што пишува The Verge, Snapchat ја воведе претплатата во обид да воспостави дополнителни извори на приходи. Таа беше една од многуте компании кои беа погодени од промените во поставките за приватност на Apple воведени минатата година, што предизвика проблеми во рекламниот бизнис на Snapchat – клучниот начин на кој оваа компанија заработува пари.