Многу е убаво да се има еден универзален далечински управувач што може да се користите за сите паметни уреди во домот. Но, доколку такво решение може да се добие со едноставно инсталирање на апликација на вашиот мобилен телефон, целата работа станува поинтересна. Како што пренесува The Verge, токму тоа го имаат на ум креаторите на оваа многу интересна апликација за iOS.
За која апликација се работи?
Апликацијата се вика Fluid One и претставува сеопфатно решение за контрола на сите уреди кои имаат некаква „паметна“ функционалност. Некои од уредите што можете да ги контролирате се осветлување, брави, камери, термостат и многу други. Сè што треба да направите е да ја отворите апликацијата, да го насочите вашиот iPhone во насока на уредот што сакате да го контролирате и да го направите она што сте го зацртале.
На пример, ако го свртите телефонот кон паметна RGB сијалица, можете да го промените нејзиниот интензитет на светење, боја или да ја вклучите или исклучите. И сето тоа само со смартфон и без никаква потреба од комплицирани и скапи универзални далечински управувачи. Ова звучи навистина добро, како магично стапче. Покрај тоа, во самата апликација, може да се постават некои автоматски предефинирани дејства за различни уреди во вашето домаќинство.
Принцип на функционирање
Како функционира ова? Со користење на комбинација на UWB (ultra-wide beacons) хардвер што би го распоредиле низ вашата куќа или стан и способноста на оваа апликација прво да го скенира вашето домаќинство и да создаде мапа на целиот простор и сите паметни уреди во него. Секој од овие UWB предаватели има опсег од околу 8,5 до 9 метри и ги вклучува сите уреди во тој опсег. Како iPhone се вклопува во сето ова? Овој телефон ја содржи UWB технологијата која му овозможува адекватно да комуницира со овие предаватели и прецизно да ги контролира паметните уреди.
Како што велат самите креатори на уредот, „Нашиот систем ја пресметува позицијата на телефонот во тридимензионален простор со истовремено мерење на растојанието од неколку UWB предаватели кои се наоѓаат во вашата куќа. После тоа, системите во телефонот како компасот, камерата и жироскопот ја одредуваат ориентацијата на телефонот за да одредат точно каде го насочувате. Значи, вистинска напредна верзија на универзалниот далечински управувач од телефонот.
Во моментов, Fluid One создаде Kickstarter кампања со цел од 100.000 долари, за да започне со производство на оваа апликација заедно со предавателите. Цената на целиот комплет за оние кои ќе одлучат да го нарачаат овој систем би изнесувала 249 долари, додека има комплети кои достигнуваат до 749 долари за поголеми домови.