Научниците интензивно се подготвуваат за мисија на јупитеровата месечина Европа и тврдат дека сега знаат како на неа се формира ледената покривка, но и дека ова сознание сугерира дали е возможен живот на неа.
Со истражување на вселената, научниците доаѓаат до многу корисни, но и интересни информации. Во изминатите децении дознавме дека на Марс има необични „кули“, на Месечината има пештери со пролетни температури, додека Венера сè уште останува мала мистерија.
Небесно тело кое исто така ги збунува истражувачите со години е јупитеровата месечина Европа, составена главно од силикатни карпи на чија површина има ледена кора што свети портокалово. Сепак, тие сега тврдат дека откриле една од нејзините тајни, а тоа е сосема невообичаено.
Ако се земе предвид дека Европа е откриена од Галилео Галилеј на почетокот на XVII век, тогаш може да се каже дека таа е еден од најинтригантните објекти во Сончевиот Систем за истражувачите, веќе стотици години. А она што со сигурност го знаеме е дека под нејзината кора се наоѓа океан на длабочина од 60 до 150 километри. Европа е втора по големина месечина на Јупитер, а иако по површина е помала од Земјата, се претпоставува дека на неа има двојно повеќе вода отколку на нашата планета.
Затоа истражувачите од Универзитетот во Тексас решија подетално да ги анализираат двата главни начини на кои мразот се формира под ледените плочи на нашата планета. Првата форма е замрзнат мраз, кој расте од површината на ледената покривка, додека вториот е фразилен и се формира во ладна вода откако снегулките кои се формираат над површината, лебдат нагоре и остануваат заробени под мразот.
„Кога ја истражуваме Европа, ние сме заинтересирани за соленоста и составот на океанот, бидејќи тоа е една од работите што ќе влијае на нејзината потенцијална способност за живеење или дури и на видот на живот што би можел да се развие таму“, објаснува геофизичарката Натали Волфенбергер од Геофизичкиот институт при Универзитетот во Тексас.
Најновото истражување сега открива интересна теорија според која ледената кора на Европа најверојатно се состои од т.н. фразилен мраз, меки ледени кристали кои можат да се видат под ледените плочи на Антарктикот. Волфенбергер истакнува дека тоа се случува на втората по големина месечина на Јупитер, бидејќи има низок температурен градиент. Тоа, воедно, води до заклучок дека има различен состав отколку што се мислеше, бидејќи е познато дека фразилниот мраз е многу почист од конгломератниот мраз и содржи само 0,1% сол.
Според најавите на НАСА, во ноември 2024 година треба да лансираат летало чија мисија ќе биде да утврди дали постои можност за развој на живот на оваа месечина. Во меѓувреме, научниците од Универзитетот во Тексас развиваат радар кој би можел да навлезе во нејзината кора и да истражува други тајни скриени во океанот.
Истражувањето е објавено во списанието Astrobiology.