Руската агенција за регулирање на медиумите Роскомнадзор денеска соопшти дека ќе казни неколку ИТ компании, вклучувајќи ги TikTok, Telegram, Zoom, Discord и Pinterest.
Во соопштението на Роскомнадзор се наведува дека мерките се преземени откако овие компании не ја отстраниле содржината што била означена како нелегална и дека казните ќе останат во сила сè додека не се отстрани спорната содржина.
Не е прецизирано за кои мерки станува збор.
Русија постојано се закануваше дека ќе ги казни социјалните мрежи и пребарувачите како Google за кршење на строгите закони кои го криминализираат ширењето на „лажни вести“ за руската војска.
Руските судови на 16 август го казнија американскиот сервис за стриминг Twitch со два милиона рубљи (околу 33.859 евра) и апликацијата за пораки Telegram со 11 милиони рубљи (186.226 евра) поради кршење на законот за воена цензура.