Поголемиот дел од Volkswagen возилата продадени во Норвешка денес се веќе електрични автомобили – повеќе од 80 проценти.
Кога станува збор за електрификацијата, Норвешка е далеку пред другите земји и повеќето нови автомобили што се продаваат во оваа земја имаат електричен мотор, а не бензински или дизел мотор. А тој мал дел од возилата со мотори со внатрешно согорување наскоро треба да замине во историјата, бидејќи од крајот на 2025 година во Норвешка повеќе нема да се продаваат бензински и дизел мотори.
Но, и пред тој рок Норвежаните повеќе нема да можат да купуваат Volkswagen автомобили со мотори со внатрешно согорување, бидејќи германската компанија објави крај на продажбата на овој тип возила на првиот ден од 2024. Сите што сакаат да купат нов VW во Норвешка по тој датум ќе можат да купуваат само модели со електромотори.
Со бројни поволности за купување електрични возила, норвешката влада покрена процес на електрификација што се покажа како целосен успех бидејќи многу возачи ги заменија своите претходни автомобили со електрични моторни возила. Наскоро, џначи, повеќе нема да има избор, туку електричните автомобили ќе бидат единствениот достапен тип на возило за оние кои ќе се одлучат да купат нов автомобил.
Веќе сега повеќе од 80 проценти од возилата што VW ги продава во Норвешка имаат електромотори, а слична е ситуацијата и со другите големи автомобилски компании. Тука води Audi – 97 проценти од возилата што се продаваат на тој пазар се електрични, додека учеството на е-автомобилите во однос на вкупниот број продадени автомобили на Hyundai и Nissan е поголем од 90 отсто.