Компанијата Apple вчера ги испрати официјалните покани за медиумскиот настан што ќе се одржи на 7 септември, на кој покрај новите iPhone 14 уреди, се очекуваат и нови Apple Watch часовници од серијата 8, како и безжичните слушалки AirPods Pro 2
Компанијата објави дека Apple Event ќе биде одржан на 7 септември 2022 година во театарот „Стив Џобс“ во седиштето во Купертино и дека ќе биде пренесуван во живо преку веб-страницата на Apple и YouTube каналот на компанијата. Иако Apple не открива кои уреди ќе бидат претставени на овој настан, септември традиционално е резервиран за новите iPhone и Apple Watch модели.
И оваа година, како и минатата, iPhone серијата ќе вклучува четири модели. Сепак, за разлика од минатата година кога беше претставена верзијата Mini, оваа година тоа нема да биде случај и овој модел нема да добие директен наследник. Ќе бидат претставени iPhone 14, iPhone 14 Max, iPhone 14 Pro и iPhone 14 Pro Max.
Годинава разликите меѓу обичните и Pro моделите ќе бидат уште поголеми, а пред се мислиме на различен чип и различен дизајн. Имено, обичните модели на iPhone 14 наводно ќе го користат A15 Bionic чипот кој ја покренува серијата iPhone 13, додека Pro моделите ќе го добијат новиот A16 Bionic. Дополнително, Pro моделите ќе имаат и нов дизајн на екранот, кој ќе има punch hole и засек во облик на пилула, додека стандардните модели ќе го задржат класичниот notch.
На настанот очекуваме и нови паметни часовници. Се шпекулира дека моделите на Apple Watch Series 8 личат на нивните претходници, но ќе добијат и сензор за телесна температура. Можевме да видиме и ажурирана верзија на Apple Watch SE со побрз процесор и ист дизајн, како и часовник од повисока класа (Apple Watch Pro) кој ќе биде наменет за спортисти и ќе нуди поголем дисплеј и батерија.
Покрај новите iPhone и Apple Watch уреди, постои голема веројатност Apple да ја претстави и втората генерација на своите AirPods Pro безжични слушалки, а можно е да пристигнат и нови iPad модели.