Град Скопје денеска на градската веб-страница ќе објави два јавни повика за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипеди во 2022 година, како и за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување електрични тротинети во 2022 година, на кои граѓаните ќе можат да аплицираат.
Целта на јавните повици е подобрување на квалитетот на животната средина, односно подобрување на квалитетот на воздухот во градот Скопје и унапредување на здравјето на луѓето, преку стимулирање на граѓаните на градот Скопје за користење велосипеди и електрични тротинети, со што би се намалило загадувањето предизвикано од сообраќајот.
Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира за велосипеди се во износ од 50% од вредноста на еден велосипед, но не повеќе од 4.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. За електричните тротинети, средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 30% од вредноста на еден тротинет, но не повеќе од 8.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
Подетални информации за правото на учество на јавните повици, условите коишто треба да ги исполни барателот, начинот на пријавување, начинот на спроведување на повиците, како и начинот на остварување на правото на надоместок граѓаните ќе можат да добијат на веб страницата на Град Скопје.
Јавниот повик ќе трае заклучно со 01.11.2022 година или до исцрпување на предвидените финансиски средства од буџетот на Град Скопје за оваа намена, во зависност од тоа кој услов ќе настапи прв.
Оваа 2022 година, Градот Скопје обезбеди повеќе средства за субвенции и тоа само за овие јавни повици предвидени се 12 милиони денари за субвенции за велосипеди и 3 милиони денари за електрични тротинети.