Во текот на изминатите децении, вселенските телескопи на NASA открија илјадници нови планети надвор од нашиот Сончев систем. Сепак, за подобар увид во егзопланетите, научниците мораа да почекаат за телескопи од новата генерација.
Токму еден од тие телескопи, James Webb, кој во последните неколку недели стана особено интересен поради фантастичните фотографии од Јупитер и галаксиите, сними нешто што ги изненади сите астрономи.
Имено, со помош на овој телескоп NASA успеала да го пронајде првиот јасен доказ за јаглерод диоксид во атмосферата надвор од Сончевиот систем.
„CO2, соединение што луѓето го издишуваат, е пронајдено во атмосферата на планета која орбитира околу ѕвезда оддалечена 700 светлосни години“, објави NASA.
Планетата во чија атмосфера е забележан CO2 се нарекува WASP-39b и има дијаметар 1,3 пати поголем од оној на Јупитер.
„Екстремноста на оваа планета е делумно поврзана со нејзината висока температура од околу 900 степени целзиусови. За разлика од постудените гасни џинови во нашиот систем, WASP-39 b орбитира многу блиску до својата ѕвезда“, соопшти NASA.
Научничката од Универзитетот во Калифорнија, Натали Бталха, која го води тимот на овој проект, рече дека откривањето на јаглерод диоксид е добар чекор кон откривање на атмосферата на помалите планети како Земјата.
„Разбирањето на составот на атмосферата на планетата е важно бидејќи ни кажува нешто за потеклото на планетата и како таа еволуирала. Со мерење на карактеристиките на јаглерод диоксидот, можеме да одредиме колку цврсто во споредба со количеството гасовит материјал било искористено за формирање на оваа џиновска планета“, наведоа научниците.