Пред три дена дознавме дека еден смартфон на Sony се појавил на FCC, каде се откриени некои негови спецификации. Сега дознаваме и кога ќе биде претставен.
Според последните информации, моделот Xperia 5 IV ќе биде претстојниот компактен флегшип смартфон на Sony. Компанијата вчера објави дека на 1 септември ќе биде домаќин на нов медиумски настан за презентација на уредот. Во соопштението, објавено од Sony на YouTube, се наведува дека настанот наречен „Xperia New Product Announcement“ ќе се одржи на споменатиот датум во 16:00 часот по јапонско време. Настанот ќе се емитува преку каналот на компанијата на YouTube.
Кога станува збор за спецификациите на телефонот, FCC сертификацијата пред неколку дена откри некои детали за уредот. Најпрво се наведува дека телефонот ќе има должина од 155,75 мм и ширина од 67,1 мм. Тоа значи дека ќе се работи за компактен смартфон, кој ќе биде помал од минатогодишниот Xperia 5 III.
Дополнително, откриено е дека Xperia 5 IV ќе има USB-C приклучок за синхронизација и полнење, како и 3,5 милиметарски приклучок за слушалки. Исто така, се наведува дека смартфонот ќе има поддршка за NFC, како и поддршка за брзо полнење, што досега не беше случај кај моделите од линијата Xperia 5.
Дијагоналата на екранот на Xperia 5 IV е наведена на 153,5 мм, што е точно 6,04 инчи. Се работи за малку помал дисплеј од екранот на Xperia 5 III (6,1”). Понатаму, FCC открива дека телефонот ќе пристигне со Wi-Fi 6 конекција како и поддршка за RFID паметни картички, кои се широко користени на јапонскиот пазар.
Телефонот треба да го покренува актуелниот најмоќен чип на Qualcomm – Snapdragon 8+ Gen 1.