Американската вселенска агенција NASA денеска се подготвуваше за лансирање на првата ракета како дел од програмата Артемис, чија крајна цел е испраќање астронаути на Месечината, но денешното лансирање беше откажано поради проблеми кои инженерите не можеа да ги решат навреме.
NASA има рок од два часа за лансирање на ракетата SLS од вселенскиот центар Кенеди во Флорида, но тоа го попречуваа проблемите, кои инженерите се обидоа да ги решат. Еден од проблемите е пукнатина во тампонот, а тука е и проблемот со оперативната температура. Еден од ракетните мотори не можеше доволно да се излади за да се продолжи со одбројувањето до лансирање.
Инаку, SLS е најмоќната ракета на NASA во историјата, а нејзината мисија како дел од мисијата Артемис 1 е да ја однесе капсулата Orion без екипаж на пат околу Месечината.
NASA се надева дека до 2025. година ќе ги врати луѓето на Месечината за прв пат по повеќе од 50 години. Во таа мисија, на лунарната површина би требало да зачекори првото црномурсто лице, како и првата жена. Меѓутоа, во оваа мисија не учествуваат астронаути, туку во капсулата Orion е сместена играчката Shaun the Sheep.
Поради споменатите проблеми, одбројувањето на часовникот беше запрено на 40 минути, а конечно беше објавено дека лансирањето е откажано. Најраната можност за следно лансирање на SLS ракетата е на 2 септември.
Кога ќе биде лансирана SLS ракетата, по осум минути и 20 секунди лет ќе се одвојат страничните засилувачи, а јадрото ќе го испрати Orion во високо елиптична орбита. Горниот сегмент, односно фазата, дополнително ќе ја подигне таа орбита, а два часа и пет минути по лансирањето, Orion и неговиот заден сервисен модел ќе се одвојат од горната фаза. Потоа, тие треба да бидат на пат кон Месечината, движејќи се со брзина од 30.000 км/ч.