Corsair неодамна го прикажа својот најнов монитор. Станува збор за Xeneon Flex 45WQHD240 од премиум сегментот.
Мониторот Xeneon Flex 45WQHD240 има екран со големина од 45 инчи, ултра широк OLED панел со сооднос 21:9 и резолуција од 3440 x 1440 пиксели.
Секако, најинтересната карактеристика на мониторот Xeneon Flex е неговата флексибилност, бидејќи дисплејот може рачно да се свитка и да се претвори од традиционален рамен екран во заоблен екран.
Од страната на екранот има рачки, кои може да се влечат за да се прилагоди степенот на искривување на екранот до 800R. Исто така, можно е да се прилагоди само едната страна на мониторот, доколку сакате да го поставите до друг монитор.
Xeneon Flex го користи W-OLED дисплеј на LG и ветува осветленост до 1000 нита, контраст од 1.350.000:1, а екранот има заштита од отсјај и технологија за слаба сина светлина која го намалува напрегањето на очите.
На гејмерите особено ќе им се допаднат функциите како што се време на одзив од 0,03 милисекунди, брзина на освежување до 240 Hz и компатибилност со технологиите Nvidia G-Sync и AMD FreeSync.
Corsair не објави информации за датумот на продажба, цената и конечните спецификации на Xeneon Flex 45WQHD240 мониторот.