Снимките на Lunar Reconnaissance орбитерот во комбинација со алгоритамот за машинско учење им овозможија на научниците да ѕирнат во темната страна на Месечината.
Иако често имаме впечаток дека Месечината не ротира и дека постојано гледаме во истиот дел на Земјиниот сателит, тоа не е баш точно. Како и Земјата, Месечината исто така ја изложува својата површина на Сонцето. Но, постојат делови кои никогаш не го гледаат Сонцето.
Станува збор за длабоки кратери и делови од половите на Месечината кои се заштитени од директното влијание на Сонцето. Во такви простори, температурата е далеку под нулата (околу -163 степени Целзиусови), а научниците веруваат дека би можеле да кријат интересни работи. Како на пример водениот мраз.
Иако нема да знаеме што точно се крие во овие „темни делови“ на Месечината додека некој навистина не погледне внатре и не земе примероци кои ќе ги проучуваат научниците, истражувањето на Валентин Бикел од ЕТХ Цирих, објавено во списанието Advanced Earth and Space Science, може да открие барем дел од она што е скриено во темнината.
Имено, како што објасни Бикел, иако овие темни делови на Месечината никогаш не се изложени на директно Сонце, тоа не значи дека светлината не допира до нив. Благодарение на овие зраци на светлина кои се одбиваат од високите ѕидови на кратерот и стигнуваат до темните делови, Lunar Reconnaissance Orbiter (LRO) успеа да сними интересни слики.
За жал, снимките не се доволно јасни за да покажат што точно има во кратерите, но во комбинација со алгоритмот за машинско учење HORUS (Hyper-effective noise Removal U-net Software) развиен во ETH, научниците сепак дојдоа до интересни откритија.
Тимот ја искористи моќта на HORUS за прегледување и обработка на фотографии од 44 трајно темни области на делот каде што треба да се спроведува мисијата Артемис. Благодарение на нивната анализа, на експертите на NASA ќе им биде полесно да го планираат местото на слетување на леталото со астронаути.
Имено, оделата на астронаутите не можат континуирано да издржат толку ниски температури како во темните кратери. Поради тоа, доброто планирање и изборот на вистинските кратери за истражување е од клучно значење. Секако, освен астронаути, кратерите ќе ги истражуваат и роботи.
NASA планира до крајот на годината да испрати робот на јужниот пол на Месечината, кој треба да изврши прелиминарно истражување пред мисијата Артемис.
Иако научниците веруваат дека во длабоките кратери се крие воден мраз, тој веројатно не изгледа како што сме навикнати на Земјата. Бикел истакнува дека поверојатно е мразот да е измешан со лунарната прашина или да се наоѓа под самата површина.
Без разлика каде се наоѓа и во каква форма, неговото откривање би можело да го олесни планирањето на идните мисии, па дури и изградбата на бази на Месечината.