Софтверот развиен од Google и француската консултантска компанија Capgemini, забележа многу приватни базени на снимките од воздух на девет француски региони за време на тестот во октомври 2021 година.
Илјадници непријавени приватни базени беа откриени во Франција со помош на вештачка интелигенција, што на француските даночни власти им донесе неочекувани приходи. Од откриените над 20.000 базени, властите собрале приходи во износ од околу 10 милиони евра, јавија француските медиуми, а пренесува BBC.
Базените се предмет на повисоки даноци на имот бидејќи ја зголемуваат вредноста на самиот имот и според француските закони, мора да бидат пријавени.
За време на пробното тестирање во октомври минатата година, софтверот развиен од „Гугл“ и француската консултантска фирма „Капгемини“ ги забележал базените преку воздушни снимки направени низ девет региони во Франција. Даночните власти велат дека ваквата акција сега може да биде спроведена низ целата земја.
Во 2020 година биле регистрирани повеќе од 3,2 милиони приватни базени во Франција, по што за време на пандемијата бројот на инсталации на базени во дворовите пораснал. Според весникот „Ле Паризиен“, просечен базен од 30 квадратни метри се оданочува со околу 200 евра.
Властите сметаат дека истиот софтвер може да се користи и за пронаоѓање на непријавени градби и доградби на домови, дворови и летниковци, кои исто така играат улога во висината на даноците на имот.
Не се исклучува можноста во блиска иднина инсталирањето на нови базени во домовите низ Франција да биде забрането, поради тоа што во моментов земјата се справува со најлошата регистрирана суша која остави без вода за пиење повеќе од 100 општини. Властите велат дека крајната цел не е да се забранат базените, туку да се гарантираат виталните потреби за вода на населението.