Во изминатиот период дознавме доста информации за Huawei Mate 50 серијата смартфони. Кинеската компанија веќе почна со масовно производство на моделите Mate 50, а тие официјално ќе бидат претставени на 6 септември. Сега доаѓа уште една потврда за дизајнот на Mate 50 Pro моделот.
Додека повеќето производители на телефони, со исклучок на Apple, веќе некое време претставуваат уреди без големиот, класичен засек, Huawei изгледа дека се враќа неколку години наназад во овој поглед. Претходните информации укажуваа дека Mate 50 Pro ќе пристигне со класичен notch, но малкумина сакаа да веруваат во тоа. Сепак, најновиот извештај ги потврдува овие шпекулации.
Имено, добро познатиот и доста сигурен дојавувач Digital Chat Station го открива заштитното стакло за Huawei Mate 50 Pro, што укажува дека смартфонот ќе има класичен засек, нешто слично како кај Huawei Mate 20 Pro од пред неколку години. Споменатиот инсајдер известува и дека телефонот ќе има заоблен екран со резолуција од 2712 x 1220 пиксели.
За разлика од Mate 50 Pro, другите два (или можеби дури три) модели од оваа серија нема да пристигнат со засек, туку со отвор на горниот дел на екранот. Неодамна беше откриено дека смартфоните од оваа серија ќе имаат оптимизирани камери од XMAGE, што всушност е интерна замена на Huawei за Leica, со која беше прекината соработката. Дополнително, се вели дека телефоните ќе се испорачуваат со HarmonyOS.
Huawei Mate 50 серијата неодамна доби значителен број сертификати, а пред неколку дена пристигна извештај од Кина во кој се наведува дека Huawei започнал со масовно производство на моделот Huawei Mate 50. Huawei очигледно подготвува залихи од овие уреди, кои треба да бидат претставени следниот месец. Во извештајот се пренесува дека Huawei Mate 50 серијата ќе користи компоненти произведени од кинески производители.