Sony „тивко“ лансираше на пазарот редизајниран модел на конзолата PlayStation 5, кој е уште полесен од претходниот модел, а тоа се однесува и на дискот и на дигиталната верзија.
Новиот диск модел CFI-1202A сега тежи 3,9 килограми, што е за 7 проценти помалку во однос на моделот од 2021 година, кој е тежок 4,2 килограми. Разликата е уште поголема во однос на оригиналниот модел на PS5 конзолата и изнесува 13 проценти, ако се земе предвид дека првиот PS5 тежеше 4,5 килограми.
Дигиталниот PlayStation 5 од 2022 година тежи 3,4 кг и е 13 проценти полесен од оригиналот со 3,9 кг. Ова покажува дека новата верзија на дискот на PS5 сега тежи исто како и оригиналниот дигитален модел PS5.
Засега не е јасно како и зошто PS5 моделите повторно изгубиле на тежина. Sony минатата година ги претстави редизајнираните модели на PS5, а промената на ладилникот е причина за намалувањето на тежината за 300 грама.
Новите модели на Sony доаѓаат во време кога компанијата ги зголемува цените на своите конзоли ширум светот. Во Европа поскапувањето изнесува 10 проценти, а во Јапонија 21 отсто.