Првиот меѓународен гејминг фестивал во регионот Vibe Factory, ги повикува и македонските девелопери (развивачи на софтвер) на видео игри да се пријават за овој тридневен спектакл во Нови Сад, европската престолнина на културата за 2022 година. Фестивалот се одржува од 21 до 23 октомври.
Јулијана Милутиновиќ, менаџер за дигитални медиуми, вели дека во тимот се две Македонки и поради тоа е природно да сакаат да вклучат и студија од нашата земја. Пријавувањето е на веб страната на фестивалот www.vibe-factory.com или на адресата vibefactoryfestival@gmail.com.
„Во комуникација сме со МАГДА (Македонска асоцијација за развој на игри) и заедно со нив сакаме да поканиме што е можно повеќе инди, независни програмери да учествуваат на овој саем, кој ќе има и експо и фестивалски и конференциски/едукативен дел“, истакнува Милутиновиќ.
„Vibe Factory е првиот, најголемиот и најатрактивниот гејминг фестивал во регионот, дизајниран во согласност со светските стандарди, кој ќе ги собере љубителите на гејмингот, YouTube, видео игрите, дизајнот на игри и сето она што ја сочинува модерната гејминг сцена. Посетителите ќе можат во трите фестивалски денови да се информираат за новостите во оваа индустрија, за начинот на работа и можностите што ги дава оваа гранка, која во моментов е една од најплатените во ИТ секторот“, се наведува во нивното соопштение за јавност.
„Виртуелните тури, промоции на апликации и дигитални потенцијали ќе ги доближат саемските посетители до овој храбар нов свет, за кој пошироката јавност сè уште малку знае. Преку бројни панели ќе се разговара за можноста за вмрежување на оваа индустрија со образовниот систем и државните институции, како и одговорен и контролиран пристап кон видео игрите“, изјави директорката на фестивалот, Олга Јешиќ.
Според неа, општествената одговорност и одговорното користење на производите од индустријата за игри е она на што се заснова самиот фестивал, а преку гостите и учесниците на фестивалот, ќе се покаже важноста од создавање рамнотежа и јасни граници помеѓу гејмингот како забава и гејмингот како корисна потреба за развој на младите.
Атракција на фестивалот ќе биде Cosplay Village.
„Cosplay е алтернативна уметничка дисциплина која комбинира костим и перформанс. Во Cosplay Village посетителите ќе можат да ја изразат својата креативност преку костими и шминка, односно ќе научат како на забавен начин да се трансформираат во омилен лик од видео игра, стрип или филм“, изјави Боривоје Наумовски, амбасадор на локалната Cosplay сцена.
„По Саемот, ќе го започнеме проектот, односно ќе го продолжиме, бидејќи сме во соработка со српското Министерство за образование за имплементација на игри во образовниот систем во Србија. На саемот ќе ја имаме премиерата на гејминг оделото на една македонска инди компанија, а деталите ќе ги објавиме наскоро кога ќе го финализираме она што го планираме за нашиот фестивал“, појасни Милутиновиќ.