Финска денеска донесе одлука за намалување на данокот на додадена вредност за електричната енергија од 24 на 10 отсто во текот на зимата и ќе им дава поголеми субвенции на оние кои се борат со зголемените сметки додека Европа се бори со вртоглаво растечките цени на електричната енергија.
Поради преземените мерки, Владата ги зголеми буџетските трошоци за 2023 година во споредба со пред еден месец, откажувајќи се од кратењата на јавните трошоци по пандемијата за да ги ублажи ефектите од инфлацијата.
„Живееме во воена економија“, рече премиерката Сана Марин за новинарите, мислејќи на војната во Украина и нејзините негативни последици за европските економии.
Значителен дел од финските домаќинства користат електрична енергија за греење, а владата соопшти дека ќе се обиде да ги надомести зголемените цени со намалување на данокот на додадена вредност на електричната енергија на 10 отсто во периодот од декември до април.
Трошоците за мерките, кои вклучуваат одбитоци на данокот на доход врз основа на сметки за електрична енергија или директни субвенции за групите со ниски приходи, ќе изнесуваат приближно 800 милиони евра во буџетот за следната година.