На почетокот на минатиот месец Samsung го претстави One UI 5.0 интерфејсот, кој донесува многу нови функции. Samsung Galaxy S22 серијата веќе почна да ја добива бета верзијата на One UI 5.0, базирана на Android 13, додека сега и минатогодишната Galaxy S21 серија почна да ја добива истата надградба.
Samsung Galaxy S21 уредите беа претставени на почетокот на минатата година со Android 11 и One UI 3.0. Откако Galaxy S21 моделите одамна се надградени на Android 12 и One UI 4.0, како и One UI 4.1, тие сега го добиваат и Android 13, со One UI 5.0 на Samsung.
Станува збор за бета надградба која моментално е достапна во Јужна Кореја и Велика Британија. Корисниците кои сакаат да ја пробаат најновата верзија на Android и корисничкиот интерфејс на Samsung мора да се логираат во апликацијата Samsung Members и да се регистрираат за најновата надградба.
Бета ажурирањето доаѓа со фирмверот број G99xBXXU5ZVHE, а се очекува стабилното ажурирање да пристигне во десеттиот или единаесеттиот месец од оваа година. Имено, според дојавувачот @RoderSuper, One UI 5.0 базиран на Android 13 ќе биде официјално претставен на 17.10.2022 или 19.10.2022 година. Истата информација ја пренесува и познатиот портал Sammobile.
Ажурирањето најпрвин ќе се појави на Samsung Galaxy S22 серијата која ги вклучува телефоните Galaxy S22, Galaxy S22+ и Galaxy S22 Ultra. Во оваа смисла, се очекува надградбата за Galaxy S21 триото да пристигне малку подоцна, но тоа би можело да се случи до крајот на десеттиот или почетокот на единаесеттиот месец оваа година. Сепак, треба да се напомене дека компанијата Samsung се уште официјално го нема објавено лансирањето на One UI 5.0, но очекуваме тоа да се случи наскоро.

