Asus го најави Zenbook 17 Fold OLED на почетокот на оваа година на CES, а сега овој уред официјално дебитираше на саемот IFA во Берлин.
Zenbook 17 Fold OLED е хибриден уред на преклоп кој може да се користи како лаптоп или таблет, има 17,3-инчен OLED екран со резолуција од 2.560 x 1.920 пиксели и формат 4:3, додека максималната осветленост изнесува 500 нита. Кога е целосно отворен, уредот може да стои на својот сталак и да служи како монитор, што е добра комбинација за работа во канцеларија. Достапна е и Bluetooth тастатура.
Zenbook 17 Fold OLED може да се свитка за 120 степени и да се користи во комбинација со Bluetooth тастатура за да се ужива во целиот екран од 17,3 инчи, но можно е да се користи и долната половина од екранот како виртуелна тастатура. Уредот може да се користи и како конвенционален лаптоп благодарение на магнетната физичка тастатура, а во тој случај се користи горниот дел од 12,5-инчниот екран со резолуција од 1.920 x 1.280 пиксели.
Оние кои преферираат таблет, решение може да биде и Zenbook 17 Fold OLED, иако е доста голем со 17,3 инчен дисплеј.
Уредот го користи оперативниот систем Windows 11 и се напојува со Intel i7-1250U процесор во комбинација со 16 GB LPDDR5 RAM. Станува збор за хибридна платформа од 12-та генерација на Intel, а графиката ја обработува графичката единица Iris Xe на Intel. На располагање на корисникот му е и 1 TB M.2 NVMe PCIe 4.0 SSD меморија, која е најнова и најбрза на пазарот.
Zenbook 17 Fold OLED е опремен со два USB-C Thunderbolt 4 порта кои ја поддржуваат функцијата за полнење од 65W и поврзување со екранот, а има и 3,5 мм приклучок за слушалки.
Уредот се напојува од 75 Wh 4-клеточна батерија која трае до 9,5 часа и тежи 1,5 кг.