Huawei nova Y70 се одликува со мноштво импресивни функции, вклучувајќи 6,75-инчен FullView дисплеј, огромна батерија од 6000 mAh, SuperCharge брзо полнење од 22,5W, 128GB меморија и моќен оперативен систем EMUI 12 по цена од само 11.990 денари
Текст и фото: Никола Бурагев
Huawei nova Y70 прв пат беше глобално објавен на медиумскиот настан во Истанбул, а недолго потоа се најде и на македонскиот пазар. Најновиот паметен телeфон од Nova серијата паметни телефони на Huawei донесува интересни функции со многу конурентна и достапна цена. Се издвојуваат главната камера од 48 мегапиксели со AI функции, издржливата батерија од 6.000 mAh која никогаш нема да ве „издаде“ и големиот екран од 6,75 инчи. Имавме можност да го користиме овој модел на Huawei нешто повеќе од една недела, па еве ги нашите впечатоци.
Huawei со својата нова серија паметни телефони сака да ги привлече младите корисници и солидно си ја врши работата во тоа. На пазарот веќе има неколку модели, сите се со поволни цени и имаат атрактивен, младешки дизајн, како надворешно така и внатрешно, односно софтверски.
Дизајн и екран
Смартфонот доаѓа во стандардна амбалажа без фенси графики на кутијата и слично. Освен уредот, во пакетот се добива 22,5-ватен адаптер за полнење, USB-C кабел, игличка за отворање на слотовите за SIM и microSD картичка и проѕирна заштитна маска, која дополнително ја истакнува пријатната за око Crystal Blue сина боја.
Huawei на моделот nova Y70 донесува препознатлив минималистички дизајн, кој што ја дава надворешноста на далеку поскап паметен телефон. Сепак, дизајнот е една од клучните спецификации според која поголемиот дел од корисниците го бираат новиот уред. На десната страна на уредот има копче за прилагодување на јачината на звукот и копче за вклучување на телефонот со интегриран сензор за отпечатоци, што е изненадувачки брз и прецизен. На самото дно на уредот има 3,5 милиметарски приклучок за слушалки, отвор за полнење и звучник, додека на врвот има микрофон.
Huawei nova Y70 има 6,75-инчен FullView IPS LCD екран со резолуција 720×1600 пиксели, фреквенција на освежување од 60 Hz и однос на дисплејот и куќиштето од 90,26 отсто. Екранот за време на нашето користење на уредот се покажа солиден, иако во надворешни услови му недостасува малку поголема осветленост, но тоа може и да се очекува од смартфон во овој ценовен ранг.
Сепак, позитивно е што Huawei се грижи за здравјето на своите корисници, така што новиот Y70 поддржува различни режими на екранот, како што се паметното затемнување и „е-книга“ режимот на работа. Со други зборови, оние кои сакаат да читаат или сурфаат на социјалните мрежи во затемнети простории, нема лесно да доживеат класичен замор на очите. Иако претпочитаме да ги читаме нашите книги во хартиена форма, постојано ја имавме вклучено функцијата против напрегање на очите, бидејќи таа работи повеќе од задоволително.
Чип и камери
Huawei Nova Y70 го покренува Kirin 710 чипот во комбинација со 4GB RAM и 128GB простор за складирање. Смартфонот не импресионираше кога станува збор за играње попребирливи видео-игри, но тоа не го ни очекувавме од него. За извршување на секојдневните задачи, сурфање на социјалните мрежи и гледање содржини се покажа одлично, па веруваме дека лесно ќе ги задоволи корисниците со помали барања или оние кои прв пат користат паметен телефон.
Понатаму, новиот Y70 носи дури три камери на својот „грб“. Главната од 48 MP со отвор на бленда f/1,8 при добро осветлување дава сосема прифатливи фотографии, а AI системот препознава различни сценарија за фотографирање, со што ја прилагодува сликата на условите на теренот. Примарниот сензор ги користи оптимизираните алгоритми на Huawei кои овозможуваат намалување на шумот и зголемување на динамичкиот распон, со што се добиваат фотографии со висока резолуција. Квалитетот значително опаѓа во темни простории и ноќно веме, но ноќниот режим на фотографирање, кој лесно се вклучува, како и разните ефекти и додатоци, донекаде ја спасуваат ситуацијата. Снимањето е можно во Full HD и HD резолуција со 30 и 60 FPS.
Ултраширокоаголната камера, која се одликува со видно поле од 120 степени и резолуција од 2 мегапиксели овозможува во еден кадар да се опфати пошироката околина и поголем збир на луѓе наеднаш, но за разлика од главната камера, присутен е шум и фотографиите не се толку остри и богати со детали. Сепак, треба да се има предвид цената на уредот, како и фактот дека конкурентите од оваа категорија не нудат ништо значително подобро во овој сегмент.
Дискретната Depth Camera работи во тандем со новоразвиениот bokeh алгоритам и може точно да го лоцира растојанието и длабочината на објектот. 3D сликите се користат за прикажување на фокусот на фотографиите, пејзаж или портрет. На самиот врв на екранот се наоѓа предната камера од 8 MP со отвор на бленда f/2.0, од која сме целосно задоволни. Во идеални услови на осветлување дава одлични фотографии за објавување на социјалните мрежи, а има и вграден „димер“ за убавина, кој се покажа како исклучително корисен.
Интуитивен софтвер и огромна батерија
Од софтверска страна, Huawei nova Y70 доаѓа со EMUI 12 интерфејсот базиран на Android, кој е многу едноставен и интуитивен за користење, па за него имаме само зборови на пофалба. Се одликува со многу опции за прилагодување, а визуелниот идентитет неодоливо потсетува на атрактивниот iOS оперативен систем. Google сервисите се уште ги нема, но може да се добијат со помош на GSpace апликацијата, која е потребно да се преземе на AppGallery продавницата за апликации.
Сепак, главната предност на овој смартфон е неговата голема батерија со капацитет 6.000 mAh, која навистина е тешко да се „исцеди“ до крај. Телефонот го користевме и по неколку часа во денот, гледајќи Netflix, слушајќи музика, сурфајќи на интернет, и во период од една недела требаше да го полниме само два пати. Покрај тоа, Huawei nova Y70 поддржува и брзо полнење од 22,5W, па и кога батеријата ќе се потроши, не е проблем брзински да се наполни. Уредот има и интегриран систем за заштита од 13 слоеви и надграден електрохемиски систем за да се подобри безбедноста при полнење, како и траењето на батеријата.
Благодарение на оптимизираната потрошувачка на енергија, Huawei nova Y70 може да ја идентификува и исклучи потрошувачката на енергија од апликациите што не ги користи корисникот и не се основни. Ако се вклучи Low Battery режимот кога батеријата е на 5%, уредот ќе работи во режим на подготвеност до 12 часа пред да се исклучи. Дополнително, nova Y70 може да обезбеди излез од 5V/1A, за да напојува и поддржува полнење со кабел за паметните часовници, нараквици и паметни телефони на Huawei.
Финален впечаток
Се на се, станува збор за добро заокружен entry-level мобилен уред, кој според некои функции пробува да се пробие во средниот сегмент. Препознатливиот минималистички дизајн со потпис на Huawei, големиот екран со висока резолуција, AI камерите и пред се издржливата батерија се само дел од функциите кои овој смартфон ќе го претворат во доверлив сопатник при сите патувања и активности. За препорачана малопродажна цена од 11.990 денари, Huawei nova Y70 остро удира на конкуренцијата и се поставува како целосно логичен избор за помалку пребирливите кориснице и за сите оние кои сега влегуваат во водите на паметните телефони.
Huawei nova Y70 спецификации:
- Екран: 6,75-инчи OLED, 720 x 1600 пиксели, 260 ppi
- Чип: Kirin 710
- RAM и меморија: 4 GB / 128 GB
- Задни камери: 48 MP (f/1.8), 5 MP телефото (f/2.2), 2MP ултраширокоаголна (f2.4)
- Предна камера:8 MP (f/2.0)
- Батерија: 6000 mAh
- Полнење: 22.5W брзо полнење
- Поврзливост: 4G, Wi-Fi 802.11 a/b/g/n/ac/6, dual-band, Wi-Fi Direct, hotspot, 5.2, A2DP, LE
- Оперативен систем: EMUI 12
- Димензии и тежина: 168.3 x 77.7 x 9 мм / 199 грама
- Цена: 11.999 денари