Најновиот член на семејството Fold – ThinkPad X1 Fold доби нов дизајн што резултираше со 22% поголем екран и 25 проценти потенко куќиште и рабови во споредба со претходниот модел
Lenovo во пресрет на саемот IFA во Берлин, ја најави новата генерација на својот уред на преклопување, ThinkPad X1 Fold. Да потсетиме, Lenovo ја претстави првата верзија на овој уред уште во 2020 година, а во изминатите две години уредот доби нови перформанси и дополнителни подобрувања.
Како што истакна компанијата на презентацијата, ThinkPad X1 Fold е дизајниран да биде таблет со голем екран и компјутер во исто време. Тие истакнуваат дека е најлесниот бизнис лаптоп од 16 инчи во светот. Иновативниот дизајн носи 22% поголем OLED екран од 16 инчи, 25% потенко тело и потенки рабови и заден капак направен од 100% рециклиран ткаен материјал.
Новиот ThinkPad X1 Fold го покренува Intel vPro, со 12-та генерација Intel Core i7 процесори и Intel Iris Xe графика. За складирање е задолжен SSD дискот до 1TB и мемориските опции до 32GB LPDDR5.
Со уредот се нуди и опционална ThinkPad тастатура со целосна големина со позадинско осветлување, TrackPoint и TouchPad која работи споена или одвоена од компјутерот, зависно од режимот на работа. Тастатурата може магнетски да се прикачи на долната половина од екранот како класичен лаптоп, овозможувајќи искуство на целосни перформанси на 12-инчен преносен компјутер.
Ултра светлиот OLED екран со преклопување од 16,3 инчи (2024×2560) и сооднос 4:3 нуди максимален простор во лесниот пакет, со можност за портретен или вертикален режим, и секако преклопно. Може да се конфигурира со дополнително магнетно пенкало, што го користи Wacom протоколот. Новиот ThinkPad X1 Fold може да стримува емисии, филмови и спорт до 600 нита HDR осветленост и во Dolby Vision каде што е поддржано.
Новиот ThinkPad X1 Fold има тесни рамки околу дисплејот (помалку од 10 мм) и е тенок само 8,6 мм кога е расклопен, со неверојатна дебелина од само 17,4 мм кога е преклопен. Преклопниот уред на Lenovo ќе биде достапен од ноември во САД по цена од 2499 долари.