Соединетите Држави ги засилија своите напори да го запрат протокот на напредна технологија во Кина, наредувајќи им на компаниите Nvidia и Advanced Micro Devices (AMD) да престанат да ги испорачуваат своите врвни чипови за вештачка интелигенција.
Се чини дека прописите се фокусираат на чиповите наречени графички процесори (GPU) кои имаат најмоќни компјутерски способности. Ова е критичен, но мал пазар со само два значајни играчи – Nvidia и AMD. Нивниот единствен потенцијален конкурент, корпорацијата Intel се обидува да се пробие на пазарот, но не успеа да издаде доволно конкурентни производи.
Првично дизајнирани за видео-игри, употребата на графички процесори или единици за графичка обработка е проширена на поширок опсег апликации, кои вклучуваат работа со вештачка интелигенција, како препознавање слики, категоризација на фотографии или пребарување на дигитални сателитски слики за воена опрема. Бидејќи сите снабдувачи на чипови се американски, САД го контролираат пристапот до оваа технологија.
Министерството за трговија на САД одби да ги коментира деталите за новите правила на кои веројатно работи, и се чини дека е насочено токму кон графичките процесори, кои служат за изведување на брзи пресметки за работа на вештачката интелигенција, во голем опсег и со висока прецизност. Помалку моќните AI чипови можат брзо да работат на пониски нивоа на прецизност, што е доволно за означување на фотографии или каде што цената на повремена грешка е мала, но се недоволно добра за дизајнирање, на пример, борбени авиони.