На медиумскиот настан „Far Out“ одржан во театарот Стив Џобс во седиштето на Apple беше претставена новата генерација на безжичните слушалки AirPods Pro
Најновиот додаток на линијата на безжични слушалки на Apple ќе биде следната генерација AirPods Pro, со новиот сопствен H2 чип за подобра поврзаност и подобар квалитет на звукот. Обновени се и елементите на звучниците, а поддршката за Spatial Audio е проширена со можност за персонализирање на звучната слика за секој корисник. Активното поништување на шумот (ANC) е исто така подобрено, така што новиот процесор треба да овозможи негов двојно посилен учинок, додека изненадните скокови на вревата на висока гласност ќе бидат автоматски дополнително поништувани.
На „стеблото“ на слушалките ќе биде вграден и капацитивен дел чувствителен на допир кој ќе додаде нови опции за контрола. Батеријата треба да трае до 30 часа. Новата кутија на AirPods Pro ќе има опција за геолокација, како и звучник за полесно наоѓање и, конечно опција за безжично полнење. Кога станува збор за изгледот, тој е непроменет во однос на првата генерација.
Цената на втората генерација на AirPods Pro ќе изнесува 249 долари, нарачките се отвораат од 9 сепетември, а испораките пристигнуваат на 23 септември.