Научниците од Европската организација за нуклеарни истражувања стравуваат дека претстојната енергетска криза може да го затвори Големиот хадронски судирач.
Ова го потврди и првиот човек на ЦЕРН, Серж Клод, кој истакна дека организацијата работи на можни решенија за проблемот.
Најлошото сценарио е Големиот хадронски судирач да биде исклучен на одредено време за да се намали потрошувачката на енергија, изјави Клод.
– Загрижени сме за стабилноста на енергетската мрежа и се обидуваме со сите средства да ги спречиме ограничувањата – вели шефот на ЦЕРН, додавајќи дека научниците ќе направат сѐ што можат за да го одржуваат судирачот во функција и да избегнат исклучување на системот вреден 4,4 милијарди долари.
Големиот хадронски судирач е еден од осумте судирачи лоцирани во џиновски подземен комплекс меѓу Франција и Швајцарија. Тој е и еден од најголемите француски потрошувачи на енергија и во одредени периоди на висок интензитет му требаат 200 мегавати електрична енергија.
Поради ова, ЦЕРН преговара со својот снабдувач со енергија, францускиот државен гигант „ЕДФ СА“, и сака однапред да добива предупредувања доколку треба да ја намали потрошувачката, како и за можни ограничувања.