Иако iPhone 14 серијата беше претставена минатата недела, секој ден добиваме се подетални информации за новите уреди. Првиот резултат на A16 Bionic чипот не беше толку добар, но сега ги добиваме, се чини, очекуваните резултати од овој чипсет.
Оваа година, новиот чип е ексклузивен само за Pro моделите, додека обичните iPhone 14 и iPhone 14 Plus го добија минатогодишниот A15 Bionic. Во првите резултати на Geekbench, iPhone 14 Pro Max со новиот чип не покажа завидни резултати. Сепак, AnTuTu тестот сега дава многу подобри резултати.
iPhone 14 Pro и iPhone 14 Pro Max забележаа резултат од 978.147 и 972.936 поени соодветно на AnTuTu тестот. Ова е подобрување од околу 19% во споредба со Pro моделите од iPhone 13 серијата.
Гледајќи ги деталите, перформансите на процесорот се зголемени за одлични 17 проценти. Сепак, графичкиот процесор забележа поголем скок од 28% во споредба со претходната генерација, што е навистина голема промена. На презентацијата на iPhone 14 уредите, Apple не најави вакво подобрување на графичкиот процесор, туку едноставно го спореди чипот со А13 од 2019 година, што не е толку релевантно.
Ова подобрување на графичкиот процесор би можело да биде најголемото подобрување на генерацискиот чип во изминатите години. За споредба, првите резултати на AnTuTu за iPhone 13 Pro минатата година покажаа подобрување на процесорот од 17% во однос на iPhone 12 Pro, додека перформансите на графичкиот процесор беа зголемени за 19 проценти. Оваа година, очигледно, Apple работел уште повеќе на графичкиот процесор, како што покажуваат резултатите.