Компанијата Google го закажа својот годишен настан „Made by Google“ за 6 октомври. Американската компанија веќе потврди дека на овој настан ќе ја претстави серијата Google Pixel 7 како и Pixel Watch, а сè уште не е потврдено дека на настанот ќе биде претставен таблет. Сепак, покрај овие производи, се појавија информации дека американскиот технолошки гигант би можел да го претстави и Google Pixel Mini.
Во денешно време, ретко може да се видат компактни телефони од висока класа. Иако Apple ги претстави Mini верзиите на iPhone пред две години, оваа година тоа не е случај, а поради малата побарувачка, Mini верзијата беше прекината. Само Asus го има Zenfone 9, кој беше претставен неодамна. Се чини дека и Google може да претстави компактен флегшип смартфон.
Имено, како што објави познатиот и прилично сигурен дојавувач Digital Chat Station, Google работи на компактниот уред Pixel Mini. Тој наведува дека овој телефон ќе има отвор на горниот дел од екранот каде што ќе се наоѓа предната камера, додека смартфонот ќе има дизајн сличен на оној од Pixel 6 серијата на задната страна.
Инсајдерот посочува и дека овој телефон го има кодното име „Neila“. За жал, Digital Chat Station не открива дали овој телефон ќе биде дел од серијата Pixel 7, или можеби ќе биде лансиран посебно, итн. Се очекува во наредните денови да дознаеме повеќе информации за овој мобилен уред.
Кога станува збор за Pixel 7 серијата, Google го претстави дизајнот на уредите на почетокот на пролетта оваа година. Американската компанија потоа сподели фотографии кои ја откриваат задната страна на Google Pixel 7 и 7 Pro. На нив забележуваме сличен дизајн како кај нивните претходници, но има и одредени промени, како спојување на исечоците на камерата со двете рамки на телефонот.