Историски ден за ethereum, втората по големина криптовалута во светот – со официјалното завршување на процесот The Merge, кој беше најавуван со години, премина од енергетски интензивниот метод на рударење proof-of-work, на далеку поефикасниот proof-of-stake.
Ethereum 2.0, втората фаза од животот на оваа криптовалута и нејзиниот блокчејн, значи дека ETH повеќе нема да се рудари со помош на графички картички, туку трансакциите ќе се потврдуваат со помош на „доказ за удел“ – така што одреден број монети едноставно ќе се „ заклучат“ (staking), а со тоа и ќе се осигура интегритет на трансакциите на мрежата, без потреба од „класично“ proof-of-work рударење. Преминот беше официјално завршен во четврток, на 15 септември, околу 9 часот по македонско време.
Од PoW на PoS
Proof-of-stake рударењето ќе овозможи побрза работа со блокчејнот ethereum, негова поголема децентрализација и демократизација, а се очекува дека ќе има и дефлациски ефект врз цената на ETH монетата. Така, Ethereum би можел да поскапи, што би можело да продолжи и во подолг временски период – имено, со „заклучување“ на монетите во процесот на рударењето, како и со нивно повремено отстранување од оптек, понудата ќе биде вештачки намалена.
And we finalized!
Happy merge all. This is a big moment for the Ethereum ecosystem. Everyone who helped make the merge happen should feel very proud today.
— vitalik.eth (@VitalikButerin) September 15, 2022
Можеби најголемата предност на новиот метод на рударење ќе биде неговата далеку пониска енергетска ефикасност. Со елиминирање на потребата за тешки пресметки и време за процесирање, потрошувачката на електрична енергија за рударењето и одржување на блокчејнот Ethereum ќе се намали за над 99 проценти.
Во моментите веднаш по спојувањето, цената на ethereum не се промени значително. Напротив, во часовите пред настанот падна за околу 7%, а сега се движи меѓу 1.600 и 1.650 американски долари. На својот врв, на почетокот на ноември минатата година, ethereum вредеше над 4.800 долари.