Роверот Perseverance, кој беше испратен на Марс од американската вселенска агенција NASA, одлично си ја врши работата, а сега ги прати најубавите фотографии што некогаш ги направил од Црвената планета.
Perseverance направи висококвалитетни фотографии од карпите, песокот и небото, а видливи се и некои делови од роверот. Овојпат го испрати досега најдеталниот и најубавиот поглед на површината на Марс, а резолуцијата и деталите на фотографиите се неверојатни.
NASA објави видео во кое членот на оперативниот тим Рејчел Кроњак зборува за глетките и звуците на кратерот Језеро, регион кој некогаш бил делта на река. Видеотурата прикажува ридови, карпи, седиментни карпи, траги од тркалата на роверот и местата на кои биле собирани примероци.
Бројот на пиксели на сликата е 2,5 милијарди, што го надминува претходниот панорамски приказ на кратерот Гејл составен од 1,8 милијарди пиксели. Новата колекција се состои од 1.118 индивидуални фотографии, направени од камерата Mastcam-Z во периодот од 12 до 20 јуни оваа година.
Целосната фотографија со полна резолуција е „тешка“ 3,85 GB.
Роверот Perseverance откри детали за површината на Марс како никогаш досега, а на Црвената планета пристигна пред година и половина. NASA се надева дека роверот ќе одговори на голем број прашања за тоа дали Марс некогаш имал микробиолошки живот. Perseverance собира примероци во делтата што NASA ќе ги пренесе на Земјата за проучување.
Спектакуларната панорама е фантастичен нов сувенир од авантурата на роверот на NASA на Марс.