Intel во својот развоен центар (IDC) во Хаифа, Израел им покажа на новинарите видео од првиот тест систем кој работи со Thunderbolt конекција од 80 Gbps. Intel не сподели многу детали, но демо-системот се состоеше од двојни ленти Thunderbolt, секоја работеше со 40 Gbps (вкупно 80 Gbps). Тоа е двојно подобро од стандардот Thunderbolt 4, кој достигнува максимални 40 Gbps.
Врската од 80 Gbps беше остварена преку USB-C кабел. Intel во оваа прилика не го објави официјалното име на својот нов i брз интерфејс, ниту пак спомeна кога би можел да излезе на пазарот. Засега, се што знаеме е дека ќе ја удвои брзината на постоечката Thunderbolt 4 конекција.
Thunderbolt 4 моментно ја користи спецификацијата USB 4 rev. 1.0, а новата верзија на Thunderbolt користи поголем пропусен опсег, како неодамна претставениот USB 4 стандард со ревизија на 2.0 спецификациите.
Intel соопшти дека сè уште нема усвоено нова шема за именување за Thunderbolt интерфејсот од 80 Gbps. Со оглед на методологијата за брендирање на USB 4 вер. 2.0, можно е Intel да го означи како Thunderbolt 4 ver. 2 или да користи некој друг тип на ознака за периодични ажурирања. Intel може да го нарече и Thunderbolt 5, но тоа е помалку веројатно.
Инаку, развојниот центар на Intel во Хаифа е одговорен за сите Thunderbolt и USB решенија кои се вградени во производите на Intel.