5G мрежата, иако не е конкретно на нашите простори, стана стандард во голем дел од светот. Паметните телефони се доволен показател за тоа. Поскапите смартфонина сите компании се опремени исклучиво со 5G поддршка, додека 4G уредите се произведуваат само за пониските класи. Големите технолошки компании веќе долго време ја развиваат 6G мрежата, а првите прототипови би можеле да ги видиме за четири години. LG сега направи уште еден чекор во тој поглед.
Јужнокорејскиот технолошки гигант објави дека успешно го тестирал преносот и приемот на 6G Терахерц (THz) податоци на растојание од 320 метри во надворешна средина во Институтот Фраунхофер Хајнрих Херц (HHI) во Берлин.
Компанијата објави дека тестот бил извршен на 7 септември оваа година, во фреквентен опсег од 155 GHz – 175 GHz. Овој тест беше најавен како голем чекор напред во комерцијализацијата на 6G мрежите во урбаните средини.
LG и неговите партнери користеа прилагоден повеќеканален засилувач од 20 dBm за пренос на податоци и приемник со низок шум, што помогна да се подобри квалитетот на дојдовниот сигнал.
„Со успехот на нашиот најнов тест, чекор поблиску сме до постигнување 6G брзини од 1 терабит (ТБ) во секунда во затворени и надворешни урбани средини. Очекуваме 6G да биде главниот двигател на идните деловни и нови кориснички искуства и нема место каде што повеќе би сакале да бидеме отколку во првите редови на неговиот развој“, рече др. Ким Бјунг-Хун, CTO и EVP на LG Electronics.
Во споредба со 5G мрежата, 6G има за цел да испорача до 50 пати поголема брзина на податоци и 10 пати помала латентност, како и да понуди поголема доверливост.
Вреди да се напомене дека јужнокорејската влада пред извесно време објави дека треба да имаат готови 6G прототипи до 2026 година, така што технологијата ќе биде подготвена за комерцијализација кон крајот на 2029 година и почетокот на 2030 година.