По долготрајната тизер кампања, Asus конечно ги објави двата нови паметни телефони – ROG Phone 6D и 6D Ultimate.
Станува збор за уреди кои ги покренува процесорот MediaTek Dimensity 9000+, а разликата помеѓу стандардната 6D и Ultimate верзијата е во количеството на меморија. Стандардната верзија во својата најдобра форма има 16GB RAM и 256GB простор за складирање, додека Ultimate оди до 16GB RAM и 512GB внатрешна меморија.
Смартфоните го имаат истиот OLED панел со големина од 6,78 инчи со 10-битна длабочина на боја и стапка на освежување од 165 Hz, а поддржуваат и HDR10+. Истото важи и за „оригиналната“ серија ROG Phone 6.
Камерите останаа исти, односно одзади се наоѓаат 50 MP главна камера, 13 MP ултраширока и макро камера од 5 MP, додека однапред е сместена селфи камера од 12 MP.
Батеријата е исто така непроменета, со капацитет од 6.000 mAh, која поддржува брзо полнење од 65 W преку USB Power Delivery технологијата.
Дизајнот е исто така воглавно ист, 6D Ultimate има ROG Vision PMOLED дисплеј во боја на задната страна, додека во случајот на стандардната верзија одзади има RGB LED осветлено ROG лого. Дури и додатоците дизајнирани за ROG Phone 6 и 6 Pro се компатибилни со новите 6D и 6D Ultimate модели.
ROG Phone 6D Ultimate има уникатен AeroActive портал на задната страна, кој овозможува директен пристап до внатрешните компоненти за ладење благодарение на моторизираната шарка. Овој систем автоматски ја отвора патеката за воздух кога е поврзан AeroActive Cooler 6, овозможувајќи му на вентилаторот поефикасно да ја исфрла топлината што резултира со одржување со високи перформанси.
Asus ги нуди ROG Phone 6D и 6D Ultimate само во Space Grey варијанта на боја. Се уште не се познати детали за продажбата и цената на уредите.