Кога камерата на iPhone 14 Pro моделите ќе се отвори во Instagram, Snapchat и TikTok, таа почнува неконтролирано да се тресе, а сè е придружено со чкрипав и малку застрашувачки звук.
Корисниците кои веќе успеале да го набават iPhone 14 Pro и 14 Pro Max уредите, пријавуваат необичен проблем со камерата што се појавува при често користените апликации од трети страни.
Имено, како што велат многу корисници, кога се отвора камерата во апликациите како Instagram, Snapchat или TikTok, новиот iPhone произведува многу звук на чкрипење, а приказот на сликата неконтролирано се тресе.
„Мојата камера неконтролирано се тресе секогаш кога ќе го отворам Snapchat или кога ја користам камерата во Instagram. Сепак, не се соочувам со никакви проблеми кога ја користам обичната апликација за камера”, напиша еден корисник на Reddit.
Јутјуберот Лук Миани на Twitter објави како всушност изгледа овој проблем.
So uh, we’re having some issues with the 14 Pro Max camera pic.twitter.com/7HH1wLFjdF
— Luke Miani (@LukeMiani) September 16, 2022
Se се чини дека овој проблем не влијае на стандардните апликации за камерата, па се претпоставува дека „виновникот“ се токму апликациите од трети страни, а не хардверот на iPhone 14 Pro и Pro Max. Но, бидејќи камерата испушта навистина застрашувачки звук кога е отворена во други апликации, корисниците стравуваат дека нивниот нов iPhone ќе биде оштетен.
Како што пренесува The Verge, Apple сè уште не се изјаснил за овој проблем, како и Instagram, Snapchat и TikTok.