Поскапувањето не е најавено за сите пазари во Европа, но сигурно е дека ќе го почувствуваат сите земји од еврозоната.
Иако пред претставувањето на iPhone се зборуваше дека новите модели од iPhone 14 серијата веројатно ќе бидат поскапи, тоа не се случи. Многу аналитичари беа изненадени, па дури и шокирани од ваквата одлука на водството на компанијата, но за сите оние кои имаат намера да го купат iPhone 14, тоа секако е добра вест. Но, за дел од сопствениците на уреди на компанијата од Купертино, сега доаѓаат лоши вести – поскапувања.
Повисоките цени не се однесуваат на хардверот, туку на апликациите и услугите, а не е познато дали и македонските корисници ќе го почувствуваат ова зголемување на цените. Имено, зголемувањето на цените на апликациите и услугите ќе ги почувствуваат корисниците во земјите како Јапонија, Јужна Кореја, Египет и други, како и сите земји во еврозоната, односно во земјите каде еврото е примарна валута, како и некои европски земји кои имаат свои валути. Поскапувањето стапува на сила од 5 октомври.
Македонија не се споменува во официјалното соопштение, па не се знае дали цените кај нас воопшто ќе се зголемат.
Во моментот на објавување на оваа информација, Apple не објави детали за причините за поскапувањето, но на сајтот 9to5 Mac сметаат дека причината најверојатно лежи во падот на вредноста на локалните валути во однос на доларот.
Според тоа, по 5. октомври се очекува зголемување на цените на апликациите во App Store и купувањата во апликации, како и зголемување на цените на самообновливите претплати. За еврозоната, апликациите што моментално чинат 0,99 евра ќе чинат 1,19 евра, додека апликациите што може да се купат денеска за 9,99 евра ќе поскапат на 11,99 евра.
Сепак, Apple нагласува дека програмерите, доколку сакаат, можат да ги задржат истите цени на претплатата за постоечките претплатници.