Најновата генерација на основниот модел на iPhone изгледа речиси исто однадвор, и според спецификациите речиси не се разликува од претходникот, но внатрешноста го крие најголемиот редизајн во повеќе од пет години, оној кој е насочен кон полесен сервис.
Минатата недела првите клиенти и рецензенти ги добија своите примероци од iPhone 14 уредите, па речиси секој ден излегуваат нови информации за iPhone 14 серијата. Како што веројатно веќе знаете, основниот модел на четиринаесетката е речиси невозможно да се разликува од минатогодишниот iPhone 13, па дури и вградениот процесор е лански модел. Единствените вистински подобрувања се однесуваат на камерата и дополнителниот сензор (акцелерометар) за откривање сообраќајни несреќи и можност за прием на сателитски сигнал. Но, Apple не работеше една година само на тоа.
Компанијата која се занимава со поправка на електронските уреди, а е популарна и по своите интернет расклопувања, iFixit го расклопи iPhone 14 на составни делови и го откри она што го нарекува најголемиот хардверски редизајн на iPhone во повеќе од пет години. Дополнително, Apple на официјалното претставување воопшто не зборуваше за овој детал, ниту го спомена на своите страници како предност на новата генерација.
Полесна и поевтина поправка
iPhone 14 доби една голема предност во однос на многу сличните модели 12 и 13, вели iFixit. Неговата шасија е целосно редизајнирана, така што рамката на мобилниот телефон сега се потпира на централна метална конструкција. Со самото тоа и задното стајло може како претходно предното, многу едноставно да се одвои и замени, во случај да биде скршено. Apple значително ја намали и цената за замена на задното стакло на iPhone 14 (149 долари наместо повеќе од 500 долари).
Клучната промена во дизајнот на конструкцијата и куќиштето на новиот модел доаѓа од фактот што задното стакло повеќе не е структурен елемент, на кој се поставени деловите како матичната плоча. Сега сите тие се поставени на централната структура, а стаклото на екранот и задниот дел по склопувањето само се лепат над веќе завршениот уред. При отварање на iPhone 14, значи, тој се расклопува „како пеперутка“, и прв пат по iPhone 8 овозможува лесна замена на двете стакла.
За тоа да го постигнат, инженерите на Apple мораа многу сериозно да ја редизајнираат целата ввантершност на уредот, да смислат нови начини на поставување на антените и спојување на компонентите, а покрај тоа мораа и да ја задржат ригидноста на новиот смартфон на нивото на досегашните модели.
Чекор напред, а можеби и назад?
Ваквата конструкција долго време ја користат многу конкуренти на Apple, па можеби поради оваа причина во Купертино не сакаа да стават посебен акцент на скриениот редизајн. Според iFixit, само основниот iPhone 14 ја доби новата конструкција, додека Pro моделите останаа со старата дизајнерска филозофија. Овој потег му донесе на новиот iPhone највисока оценка за поправка 7/10, највисока уште од iPhone 7.
Можно е, додаваат, Apple да го поништи овој чекор напред со еден чекор назад – со софтверско „потпишување“ на задното стакло, што би го оневозможило пристапот направи сам или замената на тој дел во неовластените сервиси. Како и да е, најчестите поправки на iPhone: замената на батерија и скршеното стакло, сега ќе може да се изведе на iPhone 14 релативно брзо, безболно и евтино.