Новите модели на паметни телефони на Apple, iPhone 14, iPhone 14 Pro и iPhone 14 Pro Max пристигнаа на македонскиот пазар, а од денеска официјално почна нивната продажба во единствениот Apple Premium Reseller во Македонија, iSTYLE, чии продавници се лоцирани во трговските центри Скопје Сити Мол и Ист Гејт Мол. Четвртиот модел од iPhone 14 серијата – iPhone 14 Plus ќе почне да се продава во Македонија на 7 октомври.
iPhone 14 се нуди во пет бои (миднајт, старлајт, сина, виолетова и црвена), а ќе се продава во верзии со 128, 256 и 512 GB простор за складирање. Неговите цени се движат од 67.190 денари, колку што е потребно да се издвои за верзијата со 128 GB, 75.990 денари за 256 GB и 92.290 денари за верзијата со 256 GB.
iPhone 14 Pro и iPhone 14 Pro Max се достапни во четири бои (длабоко виолетова, вселенска црна, сребрена и златна) со капацитет на меморијата од 128 GB 256 GB, 512 GB и 1 TB. Цените на iPhone 14 Pro изнесуваат 87.390 денари за верзијата со 128GB, 96.290 за моделот со 256GB, 113.590 денари за верзијата со 512GB и 131.190 денари за моделот со 1 TB простор за складирање. Основата верзија на iPhone 14 Pro Max со 128 GB ќе се продава по цена од 97.590 денари, моделот со 256 GB за 106.490, верзијата со 512 GB за 123.790 денари, додека iPhone 14 Pro Max со 1 TB простор чини 141.490 денари.
Заедно со новите телефони, во продавниците пристигнаa и новите паметни часовници на компанијата – Apple Watch Series 8 и Apple Watch SE, додека новиот и најиздржлив паметен часовник со поголем екран (49 мм), Apple Watch Ultra ќе биде достапен во iSTYLE од 23 септември, а моментно е достапен за преднарачка.
iPhone 14
iPhone 14 има ист дизајн како iPhone 13 со 6,1 инчен екран, додека iPhone 14 Plus се одликува со Super Retina XDR 6,7-инчен екран. Двата модела имаат керамички штит, алуминиумско куќиште, но и подобра батерија од претходната генерација. iPhone 14 и iPhone 14 Plus го користат истиот A15 Bionic чипсет од iPhone 13 Pro моделите, со шест процесорски јадра и пет графички.
iPhone 14 моделите се одликуваат со две камери на задната страна. Главната камера има 12 MP со поголем сензор и 1,9 um пиксели, отвор на бленда f/1,5, но и побрз ноќен режим. Поседува и втора широкоаголна камера, која поради новиот Photonic Enginе продуцира три пати подобри фотографии во ноќни услови. Променета е предната True depth камера, а селфи камерата има систем за автофокус, за прв пат кај iPhone уредите. Новите iPhone 14 модели ја поддржуваат и функцијата детекцијата на судири (crash detection), а имаат и можност за сателитска комуникација при итни случаи.
iPhone 14 Pro
iPhone 14 Pro и 14 Pro Max го заменија стандардниот засек во екранот со простор во облик на пилула наречен Dynamic Island. Се работи за отвор во дисплејот во облик на пилула, во која се сместени селфи камерата и Face ID сензорите, но претставува единствена интеграција на хардвер и софтвер, бидејќи може (софтверски) да се прошири и во рамките на динамичниот остров да се прикажуваат известувања, анимации, верификација со Face ID и слично. Со опцијата Dynamic Island, Аpple овозможува целосно нов начин на интеракцiја со приказ на содржини на екранот како репродукција на музика, навигација, спортски резултати и слично.
iPhone 14 Pro моделите поседуваат нови Super Retina XDR дисплеи (6,1 и 6,7 инчи), кои постигнуваат максимална осветленост на отворено од 2.000 нита, што е повеќе од кој било телефон на пазарот. Кај Pro уредите е воведен и always-on дисплеј, при што стапката на освежување се намалува до 1Hz и екранот се затемнува за да се заштеди батерија. iPhone 14 Pro моделите го добија новиот A16 Bionic чипсет со 16 милијарди транзистори произведени во 4 нанометарски процес, со шест јадра во распоред 2+4 за добри перформанси и ефикасна автономија. Графичкиот процесор има 5 јадра и подобра комуникација со остатокот од чипот за подобри перформанси при играњето игри.
Главната 48 MP камера со quad систем на спојување на четири пиксели ја замени камерата од 12 MP, со фокус на подобри перформанси во услови на слаба осветленост. Има и широкоаголна камера која остана на 12 MP, но доби макро можности. Телефото камера и натаму нуди 3X оптички зум, но сега и 2x зум, што е повеќе за портрети отколку за зумирање. Камерите нудат снимање во Apple Pro Raw формат за пост-обработка на фотографиите, но и снимање во целосна резолуција. Блицот е двојно посилен од претходната генерација, а сите три камери користат ноќни режими за подобри фотографии во услови на слаба осветленост. iPhone 14 Pro моделите го добија и долгоочекуваниот Action режим при снимање видео, а има и подобрен Cinematic режим.