Google пушти во продажба нов Chromecast со функцијата Google TV. Речиси идентичен на претходната верзија, уредот донесува далечински управувач, малку послаби карактеристики, но и пониска цена
Пазарот на евтини стриминг уреди само што стана побогат за еден прилично значаен играч. Новиот Chromecast со Google TV (HD) е додаден во тековната понуда на различните стриминг стикови. Овој уред е базиран на претходните модели на популарниот Chromecast, па корисниците ќе добијат дополнителен модел за избор во веќе препознатлива форма и со познати функции.
Новата верзија со цена од 30 долари (во САД) се сместува ниско, покрај „обичниот“ Chromecast, додека ги донесува Google TV и далечински управувач како досегашниот Chromecast модел со Google TV (4K). Како што сугерира неговото име, новиот модел нуди највисока резолуција од 1080p, наместо 4K како претходникот. Доаѓа и со малку послаб хардвер и 1,5 GB работна меморија, но ги задржува претходните 8 GB простор за складирање.
Chromecast со Google TV (HD) сè уште поддржува „емитување“ содржина од паметен телефон или компјутер на телевизор, го претвора секој телевизор во паметен, а опцијата Google TV му дава можност за инсталирање на поддржани Android TV апликации и гледање содржини од нив. Неговиот изглед остана ист како неговиот 4K претходник.
Засега новата верзија е достапна на 19 пазари, но наскоро ќе биде проширена и на остатокот од светот. Судејќи според сегашната политика на цени, 29,99 долари може да се преслика на малопродажна цена од околу 40 евра (толку чини третата генерација на класичниот Chromecast, чија цена во САД е исто така 30 долари.