Националната аеронаутичка и вселенска агенција (NASA) денес ќе изврши проба со контролирано уривање на летало со цел менување на правецот на движење на астероид. Пробата се врши за да се изучат техники за менување на правец на астероид во случај на судир со Земјата.
Вселенската сонда на NASA наречена DART попладне треба да се урне на Диморфос, помал астероид кој кружи околу Дидимос, поголема вселенска карпа.
Овие два објекта се наоѓаат во близина на Земјата, но не претставуваат непосредна опасност за нашата планета. NASA го лансираше DART лани за да се тестираат техники што еден ден би се употребиле за планетарна одбрана во случај на пад на голем метеор на Земјата.
Сондата треба да се урне на Диморфос во 19 часот и 14 минути по источноамериканско време, со брзина од 23.000 километри на час.
NASA ќе го емитува настанот во живо, преносот ќе почне во 18 часот. Притоа, половина час претходно NASA ќе емитува фотографии од вселенското летало како тоа се приближува до астероидот. Тоа е возможно бидејќи помало летало, LICIACube , е пуштено паралелно со DART да прави фотографии од судирот.
Во оваа мисија се користат средства одобрени од Конгресот кој во 2005 година даде мандат на НАСА до 2020 година да детектира 90 отсто од сите астероиди во близина на Земјата доволно големи да уништат цел град, a такви се оние со дијаметар од 140 метри или пошироки.
NASA досега детектираше такви астероиди, но поради кратење на средствата околу 15.000 објекти останува да бидат откриени.