Претставувањето на овој автомобил го очекуваме на 9 ноември, а истиот треба да го има еден од најнапредните сензорски системи на пазарот.
Volvo, како и сите други автомобилски компании, иднината на пазарот ја гледа во електрификацијата и досега претстави два целосно електрични модели – XC40 и C40. Подоцна оваа година ќе го претстави и третиот модел на електричното возило EX90, во кое ќе посвети големо внимание на безбедноста.
Според официјалните информации објавени од Volvo, овој автомобил ќе го има еден од најнапредните сензорски системи на пазарот. Така, Volvo EX90 ќе има осум камери, дури 16 ултразвучни сензори, пет радари и LiDAR сензор поставен на покривот на возилото. Надворешните камери и сензори треба да им помогнат на возачите подобро да се движат во сообраќајот, да избегнуваат други автомобили, пешаци и други непредвидени ситуации, додека внатрешните камери и сензори се поставени за да го следат возачот и неговото однесување.
Доколку системот на сензори и камери забележат дека возачот не е фокусиран на сообраќајот или дека е пијан (т.е. така се однесува), автомобилот ќе му испрати предупредување. Доколку возачот не одговори на ова предупредување, тоа ќе биде знак дека можеби нешто не е во ред, односно дека не е фокусиран на возење или дека е под дејство на алкохол. Во овој случај, автомобилот ќе забави и ќе застане на страната на патот со вклучени четири светла.
Volvo имаше намера да започне со имплементација на оваа технологија уште во 2020 година, но нејзиниот развој се одолговлекува до сега. Покрај оваа технологија, оваа компанија ќе ја ограничи и брзината на своите возила на 180 км/ч. Volvo се надева дека нивните напори и развојот на технологијата ќе резултираат со помалку сообраќајни несреќи и сообраќајни жртви.
Презентацијата на Volvo EX90 е најавена за 9 ноември, а потоа очекуваме повеќе информации за самиот автомобил, како што се моќноста на моторот, батеријата, досегот итн. Првичните планови на компанијата беа да продаде еден милион електрични возила до 2025 година, но како што нагласуваат на EV Arena, овие прогнози се намалени и сега планираат да продадат околу 600.000 возила до таа година.