Прогресивните веб-апликации (PWA) продолжуваат да го зголемуваат својот потенцијал на десктоп оперативните системи, а со новото ажурирање, тие почнуваат да изгледаат и да се однесуваат како нативни апликации.
Chrome започна со поддршка на Windows Controls Overlay како бета функција во април, а функцијата пристигна во Chrome 105 уште во август. Со оглед на тоа што Chrome и Edge сега поддржуваат WCO, овој нов изглед на веб-апликациите би можел да стане доста распространет, пренесува The Verge.
За разлика од нативните апликации кои отсекогаш можеа да прикажуваат содржина насекаде во прозорецот на апликацијата, вклучувајќи ја и насловната лента, инсталираните веб-апликации отсекогаш беа малку различни поради техничките ограничувања и не можеа да го обезбедат истото искуство. Разликата, иако мала, сепак постоеше, а се однесуваше на можноста за прилагодување на насловната лента.
Новата функција ќе им овозможи на програмерите да ја отстранат таа разлика. Веб-апликациите сега имаат пристап до „целата површина“ на прозорецот на својата апликација, исклучувајќи ги само копчињата во горниот десен агол кои сè уште остануваат „недопирливи“.
„Веруваме дека PWA се одлични за изработка на десктоп веб-апликации. Претворањето на вашата веб-страница во апликација која навистина се чини како да припаѓа на работната површина никогаш не било полесно, а користењето на функцијата Window Controls Overlay ќе ви помогне да креирате десктоп апликации што изгледаат многу помодерно и попривлечно за вашите корисници“, се наведува во објавата на Microsoft.